Пуштен времено во функција граничниот премин Стрезимир-Рестелица

Фото: МИА

Граничниот премин Стрезимир-Рестелица денеска е пуштен во функција и ќе може да се користи времено до 20 август годинава за туристички цели.

Како што соопшти МВР, на почетокот на временото функционирање на овој граничен премин присуствуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменикот министер Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Саше Тасевски, заедно со косовскиот министер за внатрешни работи Екрем Мустафа, заменик директорот на косовската полиција Самедин Мехмети и министерот за инфраструктура и транспорт Паљ Лекај.

Министрите остварија средба и со жителите на општината Брод во Косово и ја истакнаа одличната соработка меѓу двете земји, како и решеноста да се подoбрат условите за живот за жителите од овие места, стои во соопштението.

Преминот ќе биде отворен секој ден од 8 до 22 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на останатите гранични премини, односно патна исправа (пасош или лична карта и зелен картон за автомобил).

– Овој граничен премин ќе биде многу значаен за развојот на туризмот на општините од двете држави како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и Дебар со жителите на општините Рестелица, Драгаш и Призрен – велат од Општина Маврово и Ростуше.

Со залагање на градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, преминот што подолг период воопшто не функционираше, беше отворен минатата година од 18 до 20 август. Тогаш беше ветено дека како општина ќе продолжат со активно лобирање за постојано функционирање на овој граничен премин.

Преминот Стрезимир-Рестилица , како привремен официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора по неколку години побара преминот да има постојан граничен режим, што значи отворен да биде 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивен опстанок таму.

Преку овој премин, кој се наоѓа на планината Кораб, на тромеѓето меѓу Македонија-Албанија и Косово, можеа да минуваат само жителите од пограничиот појас од 25 километри и тоа со посебни дозволи. Во областа Гора на Косово распослани се 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповест, познати како Горани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот