Пуштен во употреба паркот „Иднина“, првиот од 7-те капитални проекти по повод роденденот на Кисела Вода

Фото: Општина Кисела Вода

Жителите на Општина Кисела Вода добија нов парк наречен симболично „Иднина“, кој е лоциран на кружниот тек помеѓу урбаните заедници Кисела Вода и Припор. Како што информираат од оваа скопска Општина, ова е првиот од седумте капитални проекти кои од денес па до недела ќе бидат отворени или отпочнати, во рамки на роденденското празнување на Општина Кисела Вода, а кои се одвиваат под слоганот „67 години моја Кисела Вода“.

– На ова место постоеше дива депонија која и во еколошка и во естетска смисла го нарушуваше живеењето на населението. Во изминатиот период најпрво ја исчистивме депонијата, а потоа интензивно работевме на оплеменување на просторот и негово опремување со најразлични содржини, кои на нашите жители ќе им овозможат ова да биде нивното катче за релаксација, одмор и дружење. Резултатите се видливи. Покрај зеленилото, хортикултурното уредување, наесен ќе се насадат и дрвца, поставивме урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите изградивме детско игралиште – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски меѓу другото додаде и дека вака уреден, паркот „Иднина“ има за цел да го врати маалскиот живот кој некогаш тука постоел, но со многу современи услови, какви што доликуваат за една општина со традиција долга 67 години.

– Името на паркот „Иднина“ носи симболика, бидејќи иднината на дивите депонии во општина Кисела Вода ќе биде ваква, ќе бидат претворани во зелени паркови. Во мојата предизборна Програма ветив дека ќе изградиме паркови во секоја населба во општината. Паркот „Иднина“ е првиот парк кој го започнавме со изградба во првите седум недели од мандатот и еве, за седум месеци, го пуштаме во употреба. Втората причина за ваквото именување е што паркот е самоодржлив. Самоодржливоста како концепт е глобален тренд во борбата со огромните предизвици на полето на снабдувањето и потрошувачка на енергија и иднина која сите треба и мора да ја следиме – потенцираше градоначалникот Ѓорѓиевски.

Случувањата по повод роденденот на Општина Кисела Вода кои се одвиваат под слоганот „67 години моја Кисела Вода“, продолжуваат и во наредните денови. Во рамки на манифестацијата во среда, од 20 часот ќе започне и културното лето со забавна програма со голем број познати музички изведувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот