Публикација „Зборува Акто 2006-2020“: Потврден континуитет и истрајност на независната културна сцена

Фестивалот за современи уметности „Акто“ во 2020 година го одбележа јубилејот 15 години од основањето со неколку програми низ различни места, градови и формати на претставување, а како завршен настан беше онлајн промоцијата на публикацијата и видеоесејот „Зборува Акто 2006-2020“.

Фестивалот „Акто“ во текот на своето 15-годишно постоење прерасна во симбол на континуитетот и истрајноста на независната културна сцена, обединувајќи мноштво индивидуалности во една широка разнообразна заедница која има потенцијал да го зацврсти своето влијание, движејќи се суверено од маргината кон центарот. Годинава за својот јубилеј „Акто“ реализираше неколку програми низ различни места, градови и формати на претставување. Активностите почнаа со реализација на седум мурали во седум градови, Битола, Скопје – Ченто, Гевгелија, Кочани, Велес, Прилеп и Кавадарци, а потоа ја почна онлајн кампањата „Зборува Акто 2006-2020“, како архива на настаните од изминативе 15 години.

Акто 15 – мурал во Кавадарци

Во рамки на кампањата се случија музичко-дебатната емисија „Зборува Акто на www.radiobar.mk“, перформансот во јавен простор „Лицата на Европа“ на уметникот Синиша Лабровиќ, концертот на Шамба во Железничката зграда, интернационалната дискусија „Акто агора“, а како завршен настан со наслов „Гласно и истрајно!“ беше промовирана публикацијата „Зборува Акто 2006-2020“ со околу 300 страници илустрации и интервјуа на локални и интернационални културни работници, куратори, уметници и активисти, која е проследена со видеоесеј изработен од тимот на „Акто“. Со своите активности тимот на „Акто“ потсети на вредностите за кои сите овие изминати години фестивалот се бори и ги промовира, како антинационализмот, антифашизмот, антидискриминацијата, почитувањето на различностите, почитувањето на соседите, солидарноста, помагањето на послабите, родовата рамноправност, слободата и критичката мисла против насилството.

Фестивалот „Акто“, во продукција на „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“, првпат беше организиран во 2006 година во Битола, по што фестивалот се разви во отпорна, силна и контекстуална платформа за промоција и креирање на интердисциплинарни критички програми и концепти. Целта на „Акто“ е да ги отвори не само темите што се важни за моменталната социјално-политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција кои ќе ја „размрдаат“ состојбата на статус кво. Фестивалот се одржува секој август во Битола и претставува паралелен настан со субвертирачка и еманципирачка мисија кон настаните што се организирани од страна на локалните општини и културни институции.

Во 2016 и 2017 година, поради разгорените локални проблеми и потреби, „Акто“ се ребрендираше во „Поп ап Акто“, привремен концепт за креирање на фестивалот во другите градови во Македонија. Покрај Битола, фестивалот досега се организирал во Скопје, Тетово, Штип и Кочани. Партнери на 15. „Акто“ беа Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата – Скопје, „Домино/Фестивал Перфорације“ – Загреб и Факултетот за драмски уметности при УКИМ во Скопје, а фестивалот беше поддржан од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот