Птичјиот грип зеде данок: Тегла мајонез околу 200 денари, недостигот на јајцата ги крева цените

Фото: Слободен печат

Европа се соочува со намалено производство на јајца, откако до крајот на минатата година беа уништени 50 милиони кокошки, патки и мисирки поради птичји грип

Птичјиот грип создаде голем недостиг на јајца на европскиот пазар. До крајот на минатата година на живинарските фарми поради оваа болест беа уништени 50 милиони кокошки, патки и мисирки. Добрата вест за нас, е што ние немаме појава на птичји грип во фарма и што во трговијата засега нема недостиг на јајца и нивната цена е стабилна.

Цената на едно јајце кај нас е од 9,5 до 14 денари во трговијата, во пакувањата од 10 јајца. Производителите на јајца се воздржани и не сакаат да ги коментираат натамошните трендови, затоа што како што велат болеста и енергенсите се фактори што сè уште не се предвидливи.

Цените на јајцата во Србија се слични како и кај нас, но оттаму прогнозираат дека за Велигден едно јајце ќе чини 50 нивни динари, односно околу 25 наши денари. Но, во други земји веќе имаат повисоки цени. На пример, во Хрватска во зависност од големината, 10 јајца се од 120 до 180 денари.

Обиколката што ја направивме низ продавниците покажува дека има зголемување на цените на сите производи, особено од увоз и дека се зголемени цените на производите што содржат јајца. Една тегла на мајонез што вообичаено е околу 650 грама сега чини околу 200 денари, во зависност од марката. Поскапени се и колачите што во себе имаат млеко и јајца во прав, па кутија од 500 грама што до скоро беше 160 денари, сега е 200 денари.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2011 година просечната цена на парче јајце била 7,04 денари и тогаш можеле да се купат 2.961 јајце. Во 2021 година, пак, просечната цена била 8,01 денари и со просечната плата можеле да се купат 3.685 јајца. Нови податоци за 2022 година сè уште нема, но ако се земат предвид цените во трговијата, со просечна цена од 11 денари, од една просечна плата (според последните податоци) може да се купат 3.300 јајца, што е помалку отколку во претходната година.

Граѓаните што ги затекнавме како пазаруваат низ маркетите, велат дека сите цени се зголемени и дека од сè купуваат помалку.

– Сега кравјо сирење во пакување од 330 грама достигна цена од 180 денари. Пакување од 200 грама на нес-кафе од 380 денари стигна до 436 денари. Негазираните сокови што ги купувам во просек поскапеа за 20-ина проценти. Статистиката кажува дека просечната плата во Македонија е 500 евра, но јас би рекла дека тоа се солидните, а не просечните плати – вели нашата соговорничка.

Според податоците од Државниот завод за статистика, цените на домашните производители на храна во декември 2022 година во однос на декември 2021 година се зголемиле за 20,1 проценти. За една година на граѓаните им се зголемиле трошоците за храна и безалкохолни пијалаци за 27,1 проценти, а најголемо зголемување има ставката „млеко, сирење и јајца“ за 36,4 проценти.

Во нашата трговија, маржите на основните прехранбени производи се ограничени до 30 април. Маржа до 5 проценти во трговијата на големо и до 5 проценти во трговијата на мало има за леб бел (сечен на парчиња или цел), бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло). Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 и 3,5 проценти, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот синџир се утврдува во висина до 10 проценти во трговијата на големо и до 10 проценти во трговијата на мало.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот