Птичјиот грип „долета“ и во Австрија

Птичјиот грип се шири низ цела Европа - Фотографија ЕПА, Јероен Јумелет

На четири фарми во Горна и Долна Австрија беа заразени речиси 200.000 птици, кои мораа да бидат усмртени за да се спречи понатамошно ширење. Во некои делови на земјата, како округот Амштетен во Долна Австрија, армијата е вклучена во деконтаминација на теренот

Австрија го прогласи целото свое подрачје за „ризично“ поради појавата на високо патогениот птичји грип (авијарна инфлуенца). Одлуката е донесена откако беа потврдени случаи на оваа болест кај диви птици и на неколку големи живинарски фарми, што доведе до построги превентивни мерки.

Вирусот Х5Н1 е идентификуван во повеќе окрузи. На четири фарми во Горна и Долна Австрија беа заразени речиси 200.000 птици, кои мораа да бидат усмртени за да се спречи понатамошно ширење. Во некои делови на земјата, како округот Амштетен во Долна Австрија, армијата е вклучена во деконтаминација на теренот.

Мерките вклучуваат задолжително држење на живината во затворени простории за сите фарми со повеќе од 50 птици и забрана за исхрана на отворено. Во 25 општини, особено во делови од Штаерска, Корушка, Бургенланд, Долна и Горна Австрија, се применуваат дополнителни рестрикции за да се спречи ширењето на вирусот во останатите делови на Австрија.

Засилена е употребата на заштитни мрежи за да се спречи контактот меѓу домашната живина и дивите птици.

Иако вирусот главно напаѓа птици, постои теоретски ризик од пренос на луѓе, особено кај лица што се во директен контакт со заразени птици. Но, австриската Агенција за здравје и исхрана (АГЕС) потврди дека вирусот тешко се пренесува од птици на луѓе и дека досега во Европа не е забележан ниту еден таков случај.

Министерствата надлежни за ова прашање инсистираат на придржување до сите воведени мерки и прописи за да се намали ризикот од ширење на болеста. Постои, исто така, обврска за пријавување мртви водни птици и грабливки до локалните власти. Се препорачува пронајдените птици да не се допираат сѐ додека не пристигнат стручни екипи за нивно отстранување и тестирање. Ваквата ситуација бара висок степен на претпазливост и постојана процена на ризикот за да се реагира навреме на какви било промени во епидемиолошката состојба.

Австриските весници известуваат дека околу 80 отсто од живинарскиот фонд во Австрија е осигурен преку посебни осигурувања субвенционирани од државата и покраините, со што се олеснува финансискиот товар за погодените фармери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот