ПССЕ жали за повлекувањето на Русија од трилатералните разговори за уривањето на малезискиот авион

Известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за „Одговорноста за уривањето на летот МХ17″, Тит Корлатен изрази жалење за повлекувањето на Русија од трилатералните разговори со Холандија и Австралија во врска со уривањето на малезискиот авион во 2014 над источна Украина, при што загинаа сите 298 патници, главно холандски и австралиски државјани, јави дописникот на МИА.

Руското повлекување е реакција на меѓудржавната жалба поднесена до Европскиот суд за човекови права од Холандија против Русија, како поддршка на индивидуалните побарувања на членовите на семејствата на жртвите.

– Повлекувањето на Русија од трилатералните разговори испраќа болен сигнал, пред сè и најважно до семејствата на жртвите. Во нивни интерес, дијалогот мора да се интензивира, а не да се прекинува. Поднесување на меѓудржавна жалба пред Европскиот суд за човекови права не е непријателски чин што би оправдал негативна реакција. Ова е нормална и легитимна употреба на процедурален правен лек предвиден со Конвенцијата, што сите држави членки го потпишаа и ратификуваа, истакна Корлатен во писменото соопштение објавено во Стразбур.

Тој претстави воведна белешка за уривањето на малезискиот авион пред Комисијата за правни работи и човекови права на ПССЕ кон крајот на 2019 година. Корлатен има намера да изврши посети за утврдување на фактите поврзани со неговиот извештај, штом тоа ќе го дозволи здравствената состојба.

(Извор:МИА)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот