Психотерапевтка предупредува: Не објавувајте фотографии од вашите деца од училиштето на 1 септември

Фото: Профимедиа

Родителите и децата се подготвуваат за првиот училишен ден 1 септември, а ако дома имате прваче, возбудата сигурно расте од ден на ден. Се подготвува нова облека, слатки комбинации, ранци, чевли и фризури, а родителите не можат да одолеат да не објават фотографии од своите деца на социјалните мрежи. Меѓутоа, дали знаете што се крие зад тоа? Експертите предупредуваат дека никогаш не треба да објавувате фотографии од вашето дете на првиот училишен ден.

Лена Дарли е мајка, психотерапевтка и експертка за социјални мрежи, а поради растечкиот тренд на родителите да објавуваат фотографии од своите деца како тргнуваат на училиште, таа одлучила да предупреди.

„Кога гледам фотографија, гледам повеќе од детски насмеани лица. Забележувам опасности кои демнат зад таквите објави. Еве зошто не објавувам фотографии од моите деца и зошто треба добро да размислите пред и вие тоа да го направите“, вели таа:

Тие можат да дадат информации за кражба на идентитет

„Во 2020 година, кражбата на идентитет погоди голем број луѓе. Тоа сигурно е последното нешто што го имате на ум кога ги подготвувате децата за првиот училишен ден. Но, информациите што ги споделуваме на интернет ги прават нашите деца лесни мети. Сè што на личноста која има лоши намери ѝ треба да започне со кражба на нејзиниот идентитет е целото име на детето, датумот на раѓање и адресата. Првите две информации може лесно да се најдат на профилите на социјалните мрежи кои вклучуваат најави за родендени и други објави“, вели Лена.

Иако повеќето луѓе не би ги објавиле своите адреси на интернет, тоа може лесно да се открие. На фотографиите на децата подготвени за првиот училишен ден би можело да се види поштенско сандаче, број на зградата или едноставно околината што може сè да открие. Исто така, ако го фотографирате детето пред училиштето, јасно ќе се знае кое училиште го посетува, што на крадците на идентитет им дава големо олеснување.

Мета на сексуалните престапници

Иако изгледа неверојатно дека фотографиите од враќањето во училиште би можеле да бидат адут за сексуалните престапници, полицијата предупредува дека токму голем број на таквите фотографии пронашла во нивните камери и телефони.

Кога споделуваме информации како омилената боја, желбите и фантазиите на детето, на тие луѓе им даваме алатки за полесно да се поврзат со нашите деца.

Како безбедно да споделувам фотографии?

Фотографиите од првите училишни денови носат многу радост, а многу родители не ни размислуваат за потенцијалниот ризик. Поради тоа апелирам до родителите да не забораваат дека ризикот постои, без разлика колку е голем. Постојат неколку совети кои би можеле да ги искористите за да го намалите ризикот:

– Размислете со кого ја споделувате вашата објава. Постои голема разлика помеѓу објавување фотографија само на вашите најблиски пријатели или на сите ваши пријатели, од кои повеќето можеби не ги ни познавате.

– Минимални детали. Ако сте го објавиле името на детето, држете се до него, но никогаш не наведувајте ги имињата на неговите наставници или училишта.

– Проверете ја позадината на фотографијата. Проверете дали вашето училиште, домашната адреса и другите информации за идентификација не се видливи.

Побарајте согласност. Ако вашето дете има четири години и повеќе, прашајте го дали да ја објавите фотографијата. Ако забележите дека се двоуми, не ја споделувајте“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот