Психолошкиот притисок од пандемијата останува, стручна помош бараат сите генерации

Прилеп/Фото: МИА

По една година од пандемијата во земјава и по последното зголемување на бројот на заразени, кај граѓаните се зголеми потребата од стручна психолошка помош за да се намалат стравот и психолошкиот притисок.

Според Ана Алексоска, психолог од Прилеп, совет од психолог бараат сите генерации, и млади и возрасни, особено оние за кои порано не беше замисливо да се обратат кај стручно лице. Стравот останува.

Таа вели дека пандемијата не познава граници, за психолошка помош се пријавуват сите. И деца, тинејџери, млади, и оние до 30-годишна возраст и постарите. Тие бараат совети, бараат начин како животот повторно да се врати во нормала. Најчести се депресијата, анксиозноста. Се обраќаат и повозрасните кои, обично, како што вели, не би се обратиле за психолошка стручна помош.

– Зголемен е бројот на сите што се јавуваат. Има луѓе кои изгубиле блиски, многу се работи со тагата и како да се надмине тој период. Значи, од сите возрасти, сите бараат помош. Стравот е голем. Веќе луѓето се истоштени. Кога почна пандемијата, можеби имаше некоја надеж дека порано ќе заврши. Има огромен стрес, анксиозност, се живее во страв, има едно опесивно-компулзивно однесување. Стравот е од економска криза, страв да не се заразиме, да не ги заразиме блиските, страв од безработица. Едноставно, страв од непознатото кое цело време нѐ демне поради оваа пандемија. Има луѓе кои, претходно имаа некои ментални потешкотии кои сега излегуваат на површината. Многу добро е тие луѓе да се обратат, или кај најблиските, или ако може да разговараат со стручно лице што може, во секој случај, многу да помогне, објаснува Алексоска.

Според неа, битна е адаптациајта на новото време, да се „вагаат” состојбите и да се прифати реалноста, да се живее ден за ден, зашто долгорочните планирања во ваква состојба може да бидат депримирачки. Секако заштитата, здравата исхрана, чувањето на имунитетот и неоткажување од социјализацијата, макар електронска, се битни.

-Луѓе сме и најважната работа е повторно да се адаптираме некако. Промените идат, секогаш човекот се плаши од тие промени, посебно вакви, во услови на болест, но, се чини, тука е најважната големина на човекот, повторно да се „репрограмира”, и некако да успее да создаде нова средина која ќе биде, колку што може, поздрава. Многу е битно да знаеме, на пример, што размислуваме и да бидеме за тоа свесни. Како ќе размислуваме: негативно или позитивно, такви ќе ни бидат и постапките. Како што вели СЗО, многу е битно размислувањето: замислете го налошото сценарио, а потоа и најдоброто, и на крајот, направете опис на најреалното сценарио што не чека во иднина и задржете се на тоа. Најважно е да се грижиме и да бидеме добри со себеси, во смисла: да се храниме нормално-здраво, колку што може повеќе физичка активност која навистина има ефекти врз менталното здравје. И во секој случај, разговор со блиските, или со стручно лице, вели Алексоска.

Додаде дека е нормално да се чувствуваме лошо, да бидеме под стрес, да ги прифатиме тие чувства, но, како што вели,  да не се задржуваме во таа „негатива” и да најдеме решение „ден за ден” да правиме план. Добро е, вели, да се запишува, да се исфрлат тие мисли, да се направи некаков план со активности, да се внимава што се мисли и размислува, да се гледа реалноста и колку што може да се биде позитивен во размисувањето.

-Да го живееме моментот. Моментално тоа е најдоброто решение, И секојдневното следење секакви информации и наводни сознанија во медиумите, на социјалните мрежи,  има премногу информации, статистики кои зборуваат за болеста. Добро е ако луѓето може да направат некаква пауза. И тука е потребен план, секој да си направи структура колку ќе биде изложен на таквите информации. Колку што може да се направи одмор од вестите, од социјалните мрежи, да бидеме информирани на едно нормално ниво што се случува, но не со премногу информации. Да се сведе здрава информација, смета психологот Ана Алексоска.

Граѓаните се свесни за ситуацијата во која се под психолошки притисок.  Покрај другото, заштитта и што побрзата вакцинација за нив се решение да се излезе од оваа пандемија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот