Пржинските министри на ВМРО-ДПМНЕ „се фатија за работа“

Она што треба да го гледаме е тимска работа, а не медиумско препукување и во сабота, и во недела и на Божиќ. И старите и новите министри треба да седнат и да размислат како ќе функционираат во периодот до изборите за да не „застане“ државата, вели Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија за „Слободен печат“.

Предизборен хаос меѓу старите и новите министри и заменици министри. Уште незагреани столчињата, новите технички министри на ВМРО-ДПМНЕ, во МВР и во Министерството за труд и социјала Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, се фатија за „работа“. Сепак, впечатокот на јавноста е дека во натпреварот – кој ќе сработи повеќе медиумски настапи пред институциите во кои се делегирани, води заменичката-министерка во информатичко општество, Невенка Стаменковска – Стојковски.

Од пред некој ден таа е тема за потсмев на социјалните мрежи откако се прослави со својот гаф за „гламурозна“ администрација. Од битката, пак, за „одбрана“ од антисемитизмот на техничката министерка Мизрахи со фејсбук и твитер заедницата, која доколу продолжеше уште некој ден, можеше да произлезе – Израел да и „залепи“ на Македонија и протестна нота. И заменичката министерка во министерството за финансии Гордана Димитриеска Кочоска се јави со прес конференција на која главна тема беше обидот за дискредитација на актуелната министерката за финансии Нина Ангеловска. Кочоска ја обвини Ангеловска за опструкции на нејзината работа во министерствто. Ангеловска на заменичката пак и порача дека најбитно е да се држи до правилникот за работа.

Од целото ова „препукување“, меѓу старите и новите министри и заменици, во техничката Влада, јавноста почна да се сомнева , дали „избраните“ ќе имаат време за она за што се дојдени на функциите, односно, дали ќе можат да овозможат нормално функцонирање на институциите во периодот што претстои до предвремените парламентарни избори на 12 април. Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија за „Слободен печат“ вели дека првиот впечатот од техничката влада е дека и министрите од власта и новите – техничките, на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се фокусираат и да овозможат непречено функционирање на институциите, ја користат позицијата и за своја и за промоција на партијата.

– Она што треба да го гледаме е тимска работа, а не медиумско препукување и во сабота, и во недела и на Божиќ. Треба да седнат и да размислат како ќе функционираат за да не „застане“ државата. Ако вака продолжиме во наредните три месеци нема да добиеме ништо, туку ќе имаме една ситуација – хаос пред избори каде ништо нема да функционира – вели Тасева.

За смените на првите луѓе на одделни сектори во Министерството за внатрешни работи, од новиот прв полицаец Наќе Чулев, Тасева смета дека нема потребата од нова систематизација, односно од промена на кадарот, на луѓето, кои работат на клучни позиции и тоа на три месеци пред избори.

– Кој ќе биде ефектот од таквата промена? Не е добро. Наместо техничката Влада да обезбеди функционирање и на институциите и на државата пред избори, како што е договорено со Пржинската влада, го добиваме спротивниот ефект – претворање на институциите во места за промоција на своите политички програми – вели Тасева.

Во меѓувреме, мисијата на ОБСЕ излезе со осуда на сите форми на расизам, антисемитизам и нетолеранција, што можат да доведат до серозни последици.

„Ова е особено важно време за државата, имајќи ги предвид спроведувањето на стратешките цели на државата“, пишува на официјалната Фејсбук-страна на ОБСЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот