„Пржино“ треба да замине во историјата

Фото: Манчо Митевски / Слободен печат/Архива

Предвремените избори, кои, според моето мислење, не беа потребни во овој момент, можат да го пореметат не само реформскиот и развојниот процес, туку и најзначајната наша обврска околу приемот во НАТО – ратификација на протоколот, бидејќи Собранието можеби ќе биде распуштено кога како држава ќе треба да ја завршиме оваа наша толку посакувана и чекана постапка.

„Пржинската влада“ сто дена пред изборите, што тогаш беше измислена, ја изврши функцијата за каква-таква контрола на изборниот процес, кој најмногу беше злоупотребуван во полицијата (не случајно самата министерка го нарекуваше МВРО-ВМРО), потоа од Министерството за труд и социјални работи, кое се претвори во „министерството за клиентелизам“, за регрутирање повеќе масовни социјални категории за да гласаат за власта, како и министерствата за финансии и за земјоделство кои пумпаа пари за гласови, со субвенции и слични клиентелистички мерки.

Меѓутоа, сега, таа ќе биде контрапункт и, всушност, ќе го наруши нормалниот ритам на владата во водењето на земјата, ќе ги блокира сите реформски процеси, ќе ги забави бизнисите и инвестициите, но и поради техничките министри може да расипе, за кратко време, многу работи што се добро поставени и направени.

„Сваровски“ инсталации

„Пржинскиот модел“ на изнудени инструменти, донесе уште два апсурда на кои сега инсистира актуелната опозиција, која како власт ја зароби и ограби државата и тоа беше причина за овој договор и за неговите решенија. Првиот, Специјалното јавно обвинителство беше формирано и така беше поставено – „со малку штоф и уште помалку време да се направи костум по мера“ – односно со компромис и со предумисла целосно да не успее.

Му се определи краток рок за постоење, малку време за докажување на криминалите, а притоа, додека криминалците беа на власт, но и до ден денес, постојано го опструираа со помош на своите „сваровски“ инсталации во Уставниот суд, во судовите, во Јавното обвинителство и администрацијата. Вториот апсурд сè уште трае поради фактот што законот за јавното обвинителство, како системски, мораше да се донесе со двотретинско мнозинство, што значи и со дел од гласовите на некои пратеници кои, инаку, се обвинети за изборни и други криминали додека беа на власт.

Без „срам и перде“, високи функционери од опозицијата, обвинети за криминал, се наместија да бидат главни преговарачи за овој закон! И, нормално, го поставија условот – амнестија од гонење за сторените криминали како компензација за гласови за законот за јавно обвинителство! Поради тоа законот не беше донесен. Иако тој не беше и не е услов за датум за преговори со ЕУ – Холандија и Данска инсистираат на неговото побрзо донесување.

Државата функционира

Државата и институциите веќе три години нормално функционираат, реформските и сите други процеси напредуваат, а доказ се оценките на релевантните светски институции: извештаите на ЕУ, НАТО, ООН, Светска банка, ММФ. Најголем доказ е приемот во НАТО, што е само прашање на денови, можеби и месец-два, како и сосема извесното добивање датум, како што изјавил претседателот Емануел Макрон, без други алтернативи и без нови услови.

Нужноста од заминувањето на „Пржинскиот договор“ во историјата, затоа, не е веќе само прашање на партиите од власта, ниту на опозицијата која, краткорочно, можеби ќе ќари нешто во моментот, туку е прашање на нормалната демократска држава кон која се стремиме, на владеењето на правото, на реформите во сите сфери и исполнувањето на европските стандарди кон кои (сите јавно велат) се нашата цел.

Сите (сепак) не се исти!

„Пржино“ беше инструмент на Европа, но не е стандард на Европа. Ако остане и натаму да функционира „Пржинскиот договор“ или пак да се провлекува неговиот „дух“ , со измислени креативни толкувања, тогаш сериозно ќе се поткрепи релативизаторската теза, која откако ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, дека сите (партии и власти) се исти.

Тоа постојано се наметнува во јавноста од „мал милион“ социјални медиуми, но и од весниците што останаа, како и телевизиите, што инаку се под шинелот на оваа партија, од новиот лидер, како и од вождот во азил, како и од некои други – разочарани „шарени револуционери“, „дезориентирани НВО-активисти“ и „суетни сдсмовци“.

А, тезата дека „сите се исти“, не само што не е точна, туку е и погубна, не само за државата Македонија, туку и за целото општество и за граѓаните.

(преземено од скопје глобал)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот