Првпат во светот: Лекари со „автотрансплантација“ му го вратиле видот на слеп човек

Фото: Pixabay

Во болницата „Молинете“ во Торино, за првпат во светот, благодарение на специфичната трансплантација на дел од едното око на местото на другото, 83-годишен маж кој, поради разни болести, останал целосно слеп во двете очи – прогледа.

Тој го изгубил видот на едното око пред 30 години, а на другото пред 10 години поради ретка болест која целосно му ја уништила рожницата и површината на окото.

На левото око не било можно да се врати видот, но останало површински добро сочувано. Трансплантацијата на неговиот дел на десното око му овозможила повторно да гледа. Операцијата траела четири часа, а тимот хирурзи бил предводен од професорот Микеле Реибалди, директор на очната клиника „Молинете“ и Винченцо Сарникола, претседател на италијанското здружение за рожници и матични клетки.

„Новината е во тоа што ја проширивме трансплантацијата на рожницата на целото око, на конјунктивното склерално ткиво кое игра основна улога во тоа колку ќе биде успешна трансплантацијата во одредени услови. Окото кое ослепело, но сепак има функционални аспекти, не треба да се жртвува бидејќи може да ни послужи како „резервни делови“. Во последните 20 години, границите на трансплантацијата се поместија и направивме огромни чекори, а Италија има водечка улога во светот“, објасни професорот Сарникола.

Две недели по операцијата, пациентот е во состојба да препознава луѓе и предмети и самостојно да се движи. Левото око е реконструирано за естетски цели благодарение на ткиво на донор.

„Кога се разбудив и повторно почнав да го гледам обликот на моите прсти, чувството беше како повторно да сум се родил“, биле првите зборови на пациентот кој живее во Торино.

Во последните неколку години му биле извршени две традиционални трансплантации на десното око, кои, за жал, не вродиле со плод, па била донесена одлука за првпат во светот да се изврши операција „автотрансплантација“ од левото на десното око.

Една третина од левото око е „автотрансплантирана“ на десното око, кое на овој начин е реконструирано и на пациентот му се врати видот. Лекарите се надеваат дека, со оглед на тоа што трансплантацијата е направена со помош на користење на „материјал“ на самиот пациент, нема да дојде до отфрлање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот