Првовработените актери на Театарот за деца и младинци прославуваат 30-годишен јубилеј

Претставата „Зрното грашок и Принцезата“ од Атанaс Илков е во режија на Срѓан Јаниќијевиќ

Со претставата „Зрното грашок и Принцезата“, актерскиот тандем Изабела Новотни и Владимир Лазовски, на 1 февруари 2023 година го одбележуваат тридеценискиот јубилеј од нивната плодна кариера како првовработени актери во ансамблот на НУ Театар за деца и младинци – Скопје. Тоа се 30 години исполнети со најразлични театарски ролји, со кои се едуцираа и уживаа многубројни генерации детска публика.

– Пред три децении, кога се вработив, не бев свесна за авантурата во која се впуштам. Ентузијазмот што го имав тогаш, сѐ уште ме држи и верувам дека ја оправдавме довербата како првовработени актери да креираме и создаваме квалитетни претстави во првиот и единствен државен театар за деца и младинци на македонски јазик – вели Изабела Новотни.

– Прекрасно е чувството да бидете дел од создавањето темели на едно сега веќе големо функционално семејство, кое неуморно соништата ги создава низ театарските претстави преку кои израснале бројни генерации – истакнува Владимир Лазовски.

Театарот за деца и младинци, со одлука на Владата во 1990 година, е формиран како Национална установа и во првите години од формирањето претставите биле играни на најразлични сцени низ Скопје и низ земјата, но без официјално вработени актери.

Пред театарот да го формира својот уметнички ансамбл, во него, заедно со тогашниот директор Љ. Чадиковски, вработени како административни соработници кои веќе имаат навршено 30 години во ТДМ се Виолета Димовска, која сѐ уште го дава својот придонес во ТДМ, и нешто подоцна Софија Георгиевска, која веќе е во пензија.

Актерскиот тандем Владимир Лазовски и Изабела Новотни со награди што ги освоила претставата

Во 1993 година, со претставата „Зрното грашок и Принцезата“ од Атанaс Илков, а во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, во која играат Владимир Лазовски и Изабела Новотни, се означува почетокот и на формалното создавање уметнички ансамбл на театарот со вработени актери, како и вработување на технички соработници.

Премиерната изведба на претставата била изведена во Детската градинка „13 Ноември“ во Скопје, а заради нејзината мобилност и камерен стил истата за многу кусо време учествувала на многубројни фестивали во Албанија, Бугарија, СР Југославија, Италија, Турција, и освојува бројни награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат: Награда за претстава во целина на фестивалот „Буроборак“ во Смолен, Бугарија, 1994 година; Наградата за естетско обликување на претставата на фестивалот во Суботица, 1995 година, и други.

Заедно со вработувањето на првите актери, театарот ги бележи и вработувањата на Љубица Велкова, кројач, која остава силни белези при реализација на сите раскошни костими за најразличните претстави во театарот, а исто толку години поминати во ТДМ оваа година ќе одбележи и Ангеле Насковски, тон-мајстор.

На 6 февруари 1998 година, Театарот за деца и младинци, конечно, добива свој дом. Поранешниот воен ресторан „Вардар“ станува адаптиран сценски простор, од привремен карактер. Овој објект, сѐ уште, како „привремено адаптиран театар“ е единствениот дом во кој вработените неуморно креираат и создаваат успешни претстави наменети за деца и младинци цели 33 години и веруваат во „Сонот што трае“, соопштија од НУ Театар за деца и младинци – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот