Прво обновено мнозинство, па подновена Влада

Зоран Заев и Африм Гаши
Средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската Алтернатива Африм Гаши/ август 2020 година / фото: Архива

Средбата помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската Алтернатива Африм Гаши, за можно окрупнување на владејачкото мнозинство, договорено е да се случи пред викендот, велат извори и од власта и од опозицијата.

Ако сѐ оди според планираното, тогаш до крајот на неделава би требало да се знае дали, за колку и со чии пратеници би се зголемило владејачкото мнозинство во Собранието, а потоа ќе почнат преговори за реконструкција на Владата.   

Средбата помеѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската Алтернатива Африм Гаши, за можно окрупнување на владејачкото мнозинство, договорено е да се случи пред викендот, велат за „Слободен печат“ извори и од власта и од опозицијата. Гаши планира да се сретне и со опозициските лидери – Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и со Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Во интервјуто за „Утрински брифинг“ потпретседателот на СДСМ и вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека наскоро ќе има „Заев 3“ влада и смена на шест-седум министри.

– Сега следува консолидација на партијата и нов мандатар за нова влада, повторно предводена од премиерот Зоран Заев. Мислам дека тој ни треба за да продолжат некои процеси. Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Резултатите ќе дефинираат кој ќе остане, а кој ќе замине од Владата. Сите треба да се преиспитаме, зашто сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен – вели Битиќи.

Од Алтернатива велат дека прво очекуваат да ги слушнат аргументите и понудата на Заев за влез на партијата во Владата. Следната недела централното партиско раководство на Алтернатива ќе донесе одлука дали е прифатена понудата, односно дали, како што велат, вреди да се биде дел од Владата. Наши извори брифираат поделени се мислења дали партијата да остане во опозиција или да биде дел од власта. Тие уверуваат дека ќе се почитува партиската одлука, односно дека четворицата пратеници на Алтернатива нема да дејствуваат според лични одлуки. Не откриваат дали Гаши ќе стави пред Заев конкретни барања, но претходно изјавија дека нема да се задоволат да ги заменат позициите што Беса ги имаше досега во Владата (едно министерско место и двајца заменици министри), бидејќи според нив, ситуацијата сега е поинаква, алудирајќи дека од нив зависи стабилноста на Владата и засилувањето на парламентарното мнозинство. Според ова, најмалку што очекува Алтернатива е да добие две министерски места. Ако Алтернатива стане дел од власта, мнозинството ќе се засили со уште четворица и заедно со Кастриот Реџепи од Беса ќе брои 64 пратеници.

Влезот на Алтернатива во власта, но и поразот на СДСМ на локалните избори ќе го иницира вториот чекор на Заев – реконструкцијата на Владата. Алтернатива би зела места на СДСМ, додека ДУИ се очекува дека ќе ги задржи досегашните ресори и актуелни министри.

На Централниот одбор на СДСМ одржан по изборите беа одложени оставките на Заев и од премиерската и од лидерската во СДСМ. Но, во партијата велат дека тоа не значи дека нема да се расправа за одговорноста на партиските и на владините функционери за поразот на изборите. Неофицијално, во партијата притискаат од Владата да замине целото партиското раководство, односно потпретседателите и генералниот секретар. Неизвесно е колку длабок рез во Владата е подготвен да направи Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот