Прво издание на фестивалот Арт атак во Куманово

Ако петок и сабота, (13 и 14 септември) сте во Куманово, да знаете дека центарот на градот ќе биде впечатливо звучен и сликовит. Предвидено е улицата „Народна револуција“, една од главните градски улици да биде затворена за возила и како привремена пешачка зона да биде пополнета со уметнички дела. Дел од градскиот плоштад пред Центарот за култура, пак, ќе биде концертен простор, наменет за првото издание на фестивалот Art attack.

Во петок (13 септември) вечер, од 19 до 1 часот, ќе може да се видат дела во разни техники разместени на улицата. Како фигури во простор ќе бидат изложени: „Стриптизета“, скулптура од метал на Стаменков Горан, „Површина 2“, дело кинетика на Перо Кованцалиев, инсталацијата на Кристина Божурска „Рабат“ – дело составено од сведоштва на жени од фабрики, и „Нови сеќавања (New memories)“, интерактивна инсталација на Ана Јовановска. Слики ќе имаат претставено авторите Александар Симоновиќ – Симо и Мирослав Величковски. Една група фотографии ќе го прикажат одржаниот перформанс „За тебе“ осмислен и изведен од Валентина Илијевска, а друга група фотографии ќе се дела на Наташа Величковска, збирка од портрети, стрит-фотографија и фото-есеј. Додатно ќе има и дела на Елеонора Накевска, Ангел Миов, Flamur Miftari и Далибор Тренчевски.

Истата вечер (петок 13-ти) звучниот дел ќе биде во плоштадскиот дел на градот, близу Центарот за култура. Во потивкиот/по-мистичен дел (кај споменикот Жена-борец) се најавени настапи на Avelina, Оf Dogs & Walls и на тандемот Милан Тоскиќ и Дарио Циевски.

Погласната бина ќе биде на просторот кај самиот Центар за култура. Таму треба да настапат: NBK и Чанге, Подземан ефект и групите KI и Фолтин.

Утредента (сабота, 14 септември) на истиот простор, во истиот дел од вечерта (од 19 до 01 часот) настапи на главната бина ќе имаат: Dado K & Mamli, Букача, Djarto и Игор Калц.

Двете локации на настаните, улица „Народна револуција“ и плоштадот „Нова Југославија“ ќе се сосема отворени за сите посетители, кои слободно може да добредојдат и повелат на случувањата во обете вечери.

Двовечерниот настан е организиран со поддршка на Општина Куманово и Фондација за култура и спорт „Куманово“ и е еден од настаните кои се оддржуваат по повод 500 години постоење на град Куманово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот