Прво гаранција за членство во ЕУ, а потоа одложување на изборите

Фото: Слободен печат

Кратко откако стивнаа најавите дека најавените априлски парламентарни избори би можеле да бидат одложени поради ратификацијата на протоколот за членство на земјава во НАТО, сега се појави нова иницијатива за нивно ново одложување, а овој пат во име на реформските процеси.

Имено, Советот на амбасадори во Македонија, кој инаку претставува здружение во кое членуваат поранешни македонски дипломати, меѓу кои и силни поддржувачи на политиките на актуелната власт, порача дека терминот за претстојните избори треба да се промени затоа што ги загрозува реформите што ги бара ЕУ во пресрет на мајскиот самит на Унијата, што треба да се одржи во Загреб следната година.

„Наместо да одржуваат предизборни митинзи и изборни активности, политичките партии, Владата и другите институции, би се фокусирале на исполнување на евроинтеграциската агенда на земјата и на неопходните реформи во изборната регулатива, согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР и барањата на малите партии и на граѓаните. Овој вистински чекор, секако, ќе биде поздравен особено од деловните луѓе кои ќе се насочат кон исполнување на зацртаните бизнис-планови за идната година“, наведено е во соопштението од Советот на амбасадори.

Во опозицијата ваквите барања се толкуваат како обид на власта да го избегне изборното соочување поради страв од пораз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека ова е обид да се продолжи политичката кариера и владеењето на премиерот Заев.

– Ја гледам паниката што владее кај власта. Па пуштаат разноразни совети на амбасадори, па пуштаат разноразни претседатели на стопански комори да бараат одложување на избори. Сè со цел да биде продолжена политичката кариера на Зоран Заев. Но, тој знае дека следува одговорност по поразот на 12 април следната година – истакна Мицкоски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека клучната варијабла за одложување на изборите, би била членството на земјава во НАТО.

– Ако Шпанија не успее да го ратификува протоколот, тогаш има логика да се зборува за одложување на изборите. Важно е да се заврши работата со НАТО, а дури потоа да се мисли на парламентарните избори. Во секој случај, датумот за изборите е помалку важен од тоа самите партии да се усогласат дека тогаш е фер момент за натпревар. Ако се менува договорениот датум за избори, тогаш треба и опозицијата да се согласи со тоа. Датумот мора да биде таков што нема да му дава предност никому. Ако, пак, датумот за изборите не се менува заради членството во НАТО, туку поради реформите што ги бара ЕУ од нас, тогаш ние ќе треба да добиеме потврда дека Унијата во мај ќе донесе сериозна одлука во поглед на нашата европска иднина. Нема логика да ги одложиме изборите во април ако во мај не добиеме датум за членство во ЕУ. Во ред е да ги одложиме ако претходно добиеме некаква гаранција, но сè друго би било нелогично – објаснува Арсовски.

И аналитичарот Синиша Пекевски не гледа причина за одложување на изборите во април.

– Никој не може да биде сигурен дека ЕУ ќе донесе позитивна одлука за Македонија на мајскиот самит во Загреб следната година, па затоа не гледам зошто ние би ги одложувале изборите – вели Пекевски.
Предвремените избори, закажани за 12 април, беа договорени на средбата на партиските лидери во организација на претседателот Стево Пендаровски, откако на Самиот на ЕУ во октомври не се донесе одлука за доделување датум за преговори за Македонија.

Цветанова: Дајте му доживотен мандат на Заев

Поранешната министерка за култура од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ганка Цветанова, подбивно реагираше на барањето на Советот на амбасадори да се одложат априлските избори.

– Во следното соопштение на Советот на амбасадори, очекувам да видам два предлога. Едниот е да му се даде доживотен мандат на другарот Зоран Заев, а вториот е да му се продолжи премиерскиот мандат сè до моментот на престанок на официјалното постоење на нашата земја – рече Цветанова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот