Прво едукација за канабисот, а потоа легализација за рекреативни цели

Пред неколку дена премиерот Зоран Заев изјави дека дебатата за легализација на марихуаната за рекреативни цели во туристичките градови, како Охрид и Струга, е отворена, водејќи се по примерот на многуте земји кои веќе ја легализирале за рекреативна употреба, токму поради зголемување на бројот на туристи.

Бројот на туристи можеби ќе се зголеми, но дали тоа е доволна причина за легализација на оваа билка? Зборуваме за легализација во рекреативни цели, не во медицински. Факт е дека канабисот има свои одредени здравствени бенефити, исто така како што е и факт дека и понатаму најголемите доктори и експерти се уште ги истражуваат сите можни придобивки од медицинската употреба на канабисот.
Мило ми е што премиерот призна дека не сме подготвени за вакво нешто, но и самата негова најава за отворени дискусии за легализација во Охрид и Струга е вистински апсурд.

Зошто апсурд? Затоа што легализацијата во рекреативни цели можеби е добра од туристички аспект за Холандија, или за големиот број на земји во Америка кои веќе ја легализираа за вакви цели, но дека е добра за Македонија, е во тоа не би можел да се сложам. Напротив, тој гест само ќе предизвика уште поголема конфузија, во и така веќе конфузниот економски систем, а придобивките повторно ќе ги уживаат само одредена група на луѓе, а не цела држава, како што тоа е случај со другите држави кои веќе ги споменав, а кои овозможија марихуаната да се користи рекреативно.

Од друга страна, парите не се најважната работа на светот, иако политичарите се чини дека размислуваат само за тоа. Зарем само туристите кои ќе доаѓаат во Охрид и Струга ќе имаат право да купат легално канабис? Не, тоа ќе можат да го прават и многу наши „туристи“ од другите градови, како и самите жители на овие градови. Ќе се најдат многу „експерти“, кои ќе речат, зборуваш за здравје, па никој не умрел од рекреативно пушење на „трева“. Веројатно и ќе бидат во право, но зарем само нешто мора да убива за да го сметаме за штетно? Непродуктивна младина, мрзеливост, исцрпеност, се само дел од негативните последици од рекреативното користење на канабисот. Со други зборови, почетен стадиум на создавање на нездрава младина и нездраво општество.

За да се случи такво нешто, најпрво неопходна е едукација за канабисот, едукација која не е присутна во Македонија. Мора да се спроведат програми кои ќе ги научат граѓаните, пред се младите, што всушност се случува во телото при рекреативна употреба на канабис. Тоа е уште еден аргумент зошто сметам дека сме далеку од подготвени за легализација, макар и само во два туристички града.

Целиот овој апсурд за жал би можел да се реализира, гледајќи како функционираат работите во оваа наша држава. Од друга страна, ако тоа се случи во туристичките места, која е гаранцијата дека набргу тоа нема да се случи и во другите градови? Зошто да ги прифаќаме само лошите работи од Западот? Зарем нема добри влијанија кои можат да се применат и кај нас?

Како млад човек навистина сум разочаран, немам ништо против оваа билка во медицински цели, меѓутоа, кога зборуваме за рекреативно користење, земајќи го предвид фактот дека најголемиот аргумент на таканаречените „канабисо-промотери“ е дека од тоа не се умира, никако не можам да се сложам.
Нема да се намали криминалот, ова не е Холандија, не треба да земаме пример од тие земји, пак ќе кажам, многу сме нестабилни пред се на економски план, а потоа се по ред, за да се мериме и споредуваме со вакви гиганти.

Да не дозволиме овој апсурд да се реализира, бидејќи веќе имавме пример кога марихуаната се „легализираше“ за медицински цели, па видовме како тоа заврши и што се случи. Видовме какви беа тие лекови во кои немаше ни два проценти масло од канабис, па замислете како ќе функционира рекреативната легализација и што се ќе се пушта во диструбуција и каква марихуана ќе консумираат нашите деца.

Поради сите овие работи сметам дека се уште е рано и за каква било отворена дискусија за рекреативна легализација на канабис, па било да е тоа во само неколку градови во Македонија. Можеби тоа ќе се случи во подалечна иднина и ќе ни донесе одредени бенефити, меѓутоа, дефинитивно не сега, дефинитивно не во ова турбулентно време за нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот