Првите три месеци рекордни 27 интервенции на Планинската служба за спасување од Охрид

Планинската спасителна служба при Општинската организација на Црвениот крст од Охрид во текот на првите три месеци на тековната година се одзвала на 27 повици за помош, при што на терен е интервенирано 22 пати, додека во пет случаи е укажана помош и асистенција по пат на телефонски напатствија.

Регистрирано е за еден ден да има и два повици, додека карактеристични се издвоени интервенција со сериозни повреди на лице, интервенција за достава на храна и лекови на недостапен терен, две асистенции за извлекување на беспилотни летала заглавени на дрво, 17 асистенции врз заглавени возила во снег на Галичица и една интервенција за спасување на домашно милениче.

– Сите овие интервенции и нивната природа, укажуваат на сѐ поголемата активност на планините, како и на довербата која ја имаат граѓаните од регионот во Планинската спасителна служба, како и сигурноста дека на секој повик, ќе добијат брза и ефикасна помош, посочуваат од Службата.

Тие појаснуваат дека асистенциите при извлекување заглавени моторни возила во снег не се примарна дејност на службата, истите одземаат енергија, но и ресурси кои би можеле во истиот момент да бидат потребни за спасување на човечки животи.

Во односниот период Службата доби специјализирани возила и опрема за спасување во зимски услови, во рамки на вториот проект што се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Целта е унапредување и јакнење на системот за спасување на планина во прекуграничниот регион, со што значително ќе се подобри конкурентноста на истиот во однос на другите региони за развој на авантуристички туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот