Првите носители во плеј-офот, Милвоки и Лејкерс обезбедија пласман во наредната рунда (ВИДЕО)
Кошаркарите на Милвоки бакс и на ЛА Лејкерс победија во своите плеј-оф серии со идентични 4:1 во победи против Орландо, односно Портланд и тоа откако загубија во првите натпревари.
Во Источната конференција, Милвоки до четвртиот триумф дојде откако со 118:104 славеше во петтиот натпревар.
Милвоки по поразот на стартот од серијата против Орландо, во продолжение лесно доаѓаше до триумфите, а така беше и во петтиот натпревар. На почетокот од второто полувреме Милвоки имаше предност од 21 поен, а највеќе што успеаја да се доближат „магичните“ беше на седум и пол минути до крајот кога негативата изнесуваше тро поени. Но, тоа беше се што направија играчите на Орландо и најдобриот тим на Истокот избегна неизвесен финиш.
Вообичаено најдобар во редовите на Милвоки беше Јанис Адетокумпо со 28 поени и 17 скокови, а Крис Мидлтон имаше учинок од 21 поен.
На спротивната страна Никола Вучевиќ го предводеше Орландо со 22 поени и 15 скокови. Милвоки во полуфиналето на Источната конференција ќе игра против Мајами кој со чисти 4:0 беше подобар од Индијана.
Во Западната конференција, ЛА Лејкерс со 131:122 го совлада Портланд за триумф со 4:1 во победи во плеј-оф серијата.
Играчите на Портланд кои настапија без својот најдобар играч Демиен Лилард имаа сили да парираат само во првото полувреме по што Леброн Џејмс и Ентони Дејвис ги преземаат работите во свои раце и ја носат победата на „езерцата“.
Дејвид беше најефикасен на натпреварот со 43 поени, додека Џејмс оствари трипл-дабл од 36 поени и по 10 скокови и асистенции. Кај Портланд Меколум даде 36 поени.
ЛА Лејкерс во наредната рунда од плеј-офот го очекуваат подобриот од дуелот Хјустон – Оклахома сити каде „ракетите“ поведоа со 3:2 во победи. Расел Вестбрук се врати на теренот и Хјустон веднаш забечежа убедлив триумф изразен со 34 поени разлика (114:80). Џејмс Харден со 31 поен беше најпрецизен на средбата.