Првите „наши Авганистанци“ слетаа: „Среќни сме што сме дома, сите наши се живи и здрави!“

Македонци пристигаат дома од Авганистан. / Фото: МИА

Седум наши граѓани пристигнаа дома, уште 39 се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, во Осло, Норвешка, се наоѓаат седум наши граѓани, а 27 се наоѓаат во воената базата на САД во Доха (Катар) и се на безбедно – велат нашите власти.

Сите наши државјани што беа пријавени за евакуација од Кабул веќе го имаат напуштено Авганистан. Седум македонски државјани, кои работеа во оваа далечна азиска земја, веќе се вратија во татковината.

Тие се првите вратени македонски државјани што се затекнаа во Кабул кога главниот град на Авганистан падна во рацете на талибанските сили. Овие седум Македонци биле вработени во компанијата „Блек снејк консалтинг“, која имала задача да ја обезбедува воената база до аеродромот во Кабул.

Според последните информации од нашата дипломатска мрежа, најголемиот дел, или 39 наши граѓани се наоѓаат во Свиндон, Велика Британија, од каде што по неколкудневниот карантин, согласно со епидемиолошките правила на земјата, ќе бидат упатени дома. Во Осло, Норвешка, се наоѓаат седум наши граѓани, кои исто така согласно со епидемиолошките мерки на земјата домаќин се наоѓаат во неколкудневен карантин, по што наскоро ќе бидат упатени дома. Последно, 27 наши граѓани се наоѓаат во воената базата на САД во Доха (Катар) и се на безбедно. Трансферот на овие граѓани кон Европа сѐ уште не е одреден и се прават дополнителни напори и со катарските власти и со администрацијата на САД, за нивно скорешно упатување кон Скопје – посочуваат од МНР.

Пристигнатите Македонци неволно зборуваат за медиумите и велат дека претходно треба да ги сумираат впечатокот. Некои од нив прифатија да говорат, но под услови на анонимност.

– Последните денови во Кабул беа опасни по живот. Ние работевме во внатрешните објекти, односно на скенирање предмети и лица што влегуваа во воената база на НАТО во Кабул. По големиот бран на евакуација на американската армија од Авганистан, почна да се чувствува несигурност меѓу персоналот, по што надлежните од нашите фирми започнаа да нè подготвуваат за евакуација. Евакуацијата се одвиваше според плановите. Со авион бевме префрлени во Абу Даби, по изминати две ноќи бевме транспортирани до Лондон, а оттаму се вративме во Македонија. Иако беше тензично, најважно е што сите се извлековме здрави и живи – рече еден од вратените Македонци по пристигнувањето на скопскиот аеродром.

Премиерот Зоран Заев изјави дека успешно е завршен процесот на евакуација на македонските државјани. За прифаќањето бегалци од Авганистан, Заев рече „не треба да се биде голем или поголем од другите и да се биде богат за да се покаже големо срце и човечност“, алудирајќи на критиките на лидерот на опозицијата, според кого Македонија не треба да прима бегалци од Авганистан пред тоа да го направат поголемите и побогатите држави.

– Понудивме помош затоа што отсекогаш сме биле солидарни и знаеме што значи солидарност. Граѓаните треба да се сетат дека Авганистан учествуваше во изградбата на Скопје по катастрофалниот земјотрес и учествуваше во изградбата на Универзалната сала. Во поново време авганистанските граѓани работеа со нашите војници во заложбите да се воспостави демократијата во оваа земја. Работеа на хуманитарните проекти во Авганистан и наша должност е да им помогнеме сега, кога животите им се во опасност – рече Заев.

Според него, политикантски се коментарите дека нашата земја покажала повеќе волја од поголеми и побогати држави да ги прифати бегалците од Авганистан.

– Ова е прашање на принципи, вредности, на хумана определба да покажеме дека сме луѓе и дека имаме разбирање за страдањето на народот на Авганистан. Многу сум горд на тоа дека ќе им дадеме надеж на 450 до 500 или повеќе луѓе во неволја – истакна Заев.

Премиерот вели дека сè уште не знае точно колку луѓе од Авганистан има потреба да се примат, но вели дека имаме капацитети.

– Можеме  да примиме 1.000, 1.200, 1.800 луѓе и слично. Во моментов сме потврдени со 450, додека разговараме веројатно се потврдуваат некои нови 70, исто така миротворци и хуманитарци – изјави Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот