Првиот човек на СЗО и натаму во дилема: Сè уште се непознати долгорочните последици од Ковид-19

Фото: EPA-EFE/FABRICE COFFRINI

Потенцијалните долгорочни последици од Ковид-19 сè уште не се познати, особено кога станува збор за деца кои се опоравиле од болеста, изјави директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, за време на брифингот одржан во Женева.

– Знаеме дека децата и адолесцентите можат да бидат заразени и да заразуваат други. Знаеме дека овој вирус може да убие деца, но дека децата обично имаат поблага форма на инфекција и дека има малку сериозни случаи и смртни случаи од Ковид-19 меѓу нив. Податоците со кои располагаме покажуваат дека помалку од десет проценти од регистрираните случаи и помалку од 0,2 проценти од смртните случаи се евидентирани кај лица помлади од 20 години, појасни првиот човек на СЗО.

Гебрејесус истакна дека се потребни повеќе истражувања за факторите што го зголемуваат ризикот од развој на сериозни форми на Ковид-19 и смрт од последиците на болеста кај децата и адолесцентите. Тој посочи дека потенцијалните долгорочни последици по здравјето на оние кои биле заразени со вирусот корона сè уште не се познати.

– Иако децата обично не страдаат од сериозни форми на Ковид-19, тие страдаат на поинаков начин, рече Тедрос.

Во многу земји, работата на некои служби, како објекти за вакцинација, беше нарушена за време на пандемијата, додека милиони деца ширум светот не посетуваа училиште со месеци, објасни директорот на СЗО.

– Поради катастрофалните последици врз децата, младите и општеството како целина, одлуката за затворање на училиштата треба да биде последната опција. Доколку властите донесат таква одлука, таа треба да биде привремена и да се воведе на локално ниво, во оние области каде што се заразени голем број луѓе, посочи тој.

Безбедноста на децата во училиштата не е само задача на училиштата, владите или семејствата, таа е задача на сите нас, подвлече шефот на СЗО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот