Првиот човек на ПСЖ има нов план: Роналдо ќе игра заедно со Меси!?

Беа ривали во Шпанија, а сега би можеле во ист тим/Фото: EPA-EFE/VALERIANO DI DOMENICO

Насер Ал-Келаифи, сопственикот на ПСЖ, е заинтересиран за Кристијано Роналдо, чиј договор со Јувентус истекува следното лето, објави мадридскиот весник „Ас“.

Богатиот катарски милијардер е еден од најмоќните луѓе во светот на фудбалот, а тоа го докажа со трансферот на Лионел Меси, што предизвика „бум“ на фудбалскиот пазар во Европа.

Меси по 20 години ја напушти Барселона и заедно со Нејмар и Мбапе ќе го формираат најталентираниот напад на сите времиња, а според многумина и најдобриот во историјата.

Но, има еден проблем – Килијан Мбапе наводно не сака да го продолжи договорот со парижаните, а следното лето можно е да се пресели во Реал Мадрид.

ПСЖ за седум минути продаде 150.000 дресови со името на Меси

Ова значи дека би можеле да ја гледаме големата тројка, Меси-Нејмар-Мбапе, само една година, но, Ал-Келаифи веќе ги презема неопходните чекори за да формира напад како никогаш досега.

Кристијано Роналдо, иако ќе наполни 37 години во 2022 година, останува еден од најдобрите фудбалери во светот и богатиот шеик од Катар сака да го види покрај Меси и Нејмар, пренесува „Ас“.

Роналдо го напушти Реал Мадрид за Јувентус во 2018 година и во три сезони не успеа да ја постигне зацртаната цел – нов трофеј во Лигата на шампионите. Португалецот се надеваше на голови, освои две титули Серија А, но неговата амбиција е многу поголема и ПСЖ изгледа како идеална дестинација.

Меси и Роналдо беа големи ривали во Шпанија, но сега се шпекулира дека можно е двајцата да играат заедно за клубот од Париз.

Видео на денот