Први во Европа: Луксембург го легализира одгледувањето и употребата на канабисот

Канабис / Фото EPA-EFE/Sáshenka Gutiérrez

На возрасните во Луксембург ќе им биде дозволено да одгледуваат до четири растенија канабис во своите домови или градини, според законите што ќе ја направат првата земја во Европа што ќе го легализира производството и потрошувачката на оваа дрога, пишува Гардијан.

Во соопштението на владата на Луксембург денеска беше објавено дека ќе донесе фундаментални промени во пристапот на земјата кон рекреативна употреба и одгледување канабис.

Според легислативата, луѓето на возраст од 18 и повеќе ќе можат легално да одгледуваат до четири растенија канабис по домаќинство за лична употреба.

Трговијата со семиња, исто така, ќе биде дозволена без ограничување на количината или нивоата на тетрахидроканабинол (TХЦ), главната психоактивна состојка.

Владата рече дека ќе биде можно да се купи семе во продавниците, да се увезе или да се купи преку интернет.

Исто така, постои намера да се дозволи домашно производство на семиња за комерцијални цели, но плановите и за национален синџир на производство и за државно регулирана дистрибуција се одложени поради ковид пандемијата.

Луксембург/ Фото EPA-EFE/JULIEN WARNAND

Забрана за транспорт и трговија со канабис

Во законот се наведува дека се одржува законска забрана за транспорт на канабис и производи од канабис во јавност, како и трговијата со ваквите производи, без разлика дали се бесплатни или не.

Според законот, сепак, потрошувачката и транспортот на количина до 3 грама повеќе нема да се смета за кривично дело, туку ќе се класифицира како прекршок.

Владини извори велат дека законодавството е поттикнато од желбата за либерализација на потрошувачката и култивацијата „во сопствените четири sида“.

Канабис/ Фото EPA-EFE/Ana Escobar

Во добро друштво

Луксембург ќе им се придружи на Канада, Уругвај и 11 американски држави во прекршувањето на конвенцијата на ОН за контрола на наркотични дроги, која ги обврзува потписниците да го ограничат „исклучиво за медицински и научни цели, да го забранат производството, извозот, увозната дистрибуција, трговијата, вработувањето и поседувањето на дрогата“.

Уругвај стана првата земја во светот што создаде легален национален пазар на марихуана кога ја легализираше дрогата во 2013-та година, а Канада го следеше примерот во 2018-та година.

Во Холандија, можеби европската земја која е најмногу поврзана со релаксиран став кон употребата на канабис, неговата рекреативна употреба, поседување и трговија е технички нелегална. Има „политика на толеранција“, според која рекреативната употреба во голема мера е прифатена.

Канабисот останува нелегален за поседување, одгледување, дистрибуција, продажба или одгледување во Велика Британија.

Оние кои би биле фатени со оваа дрога се соочуваат со најмногу пет години затвор, неограничена парична казна или и двете.

Видео на денот