Првачињата по општество од најрана возраст ќе учат за почитување меѓу себе, на повозрасните, на различностите и средината во која живеат

Ученици основно образование ковид-19
Ученици / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Материјалот за учење по општество за прво одделение е осмислен да ги задоволи интересите на денешните деца како што се креативноста, љубопитност и истражувањето, вели Гликерија Илиоска, авторка на учебникот за прво одделение по предметот општество.

Илиоска, како што соопшти Министерството за образование и наука, објаснува дека богатството од илустрации, вежби, активности, кај дечињата поттикнува интерес за откривање на нови работи, истражување и искуствено учење, а со тоа води и кон развивање на повисоки мисловни операции, а не само репродуктивно повторување на факти и детали.

Според Илиоска материјалот за учење ги воведува учениците во истражување и стекнување знаења за себе, училиштето во кое учат, домот во кој живеат и средината која ги опкружува.

– Преку овој материјал првачињата ќе учат како да се почитуваат меѓу себе и како да ги почитуваат разликите меѓу луѓето. Како да се однесуваат кон природата и животната средина, кон повозрасните, но и кон своите другарчиња. И сето тоа ќе го учат на лесен, едноставен начин преку игра и решавање проблемски ситуации, вели Илиоска.

Материјалот ги содржи основите за стекнување на знаења за родовата еднаквост, интеркултурното живеење, инклузијата и заштитата на животната средина во нашето општество и сето тоа е поткрепено со содржини кои ќе ги развијат социо-емоционални вештини на живеење.

– Се надевам дека вака подготвениот материјал кај првачињата ќе поттикне желба за учење и откривање на светот во кој живеат, вели Илиоска.

Од МОН велат дека со стартот на новата учебна година стартува и имплементацијата на реформските процеси во основното образование кои треба целосно да се спроведат во следните 5-6 години. Учениците од прво и четврто одделение ќе учат по новата Концепција, со нови наставни програми и целосно нови учебници кои се веќе во фаза на изработка и печатење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот