Прва зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Почна со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје преку зум платформата.

Пред 50-тината семинаристи, како што соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, свои пригодни видео-обраќања имаа претседателот Стево Пендаровски и министерката за образование и наука Мила Царовска.

Учесниците на Првата зимска школа ги поздравија и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

– Чувствуваме пиетет/почит на овој начин да му се оддолжиме на професорот, но и ректорот, Блаже Конески кој ете имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967 година. Зборовите на Конески: „Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште” нè обврзуваат, нагласи ректорот на УКИМ, Јанкуловски.

Мојсова-Чепишевска рече дека во втората статија „Има ли потреба за македонски национални научно-литературни другарства?” од култната книга „За македонските работи”, Крсте Петков Мисирков причините за одделувањето на Македонците во македонско друштво ги наоѓа во „употребувањето на нашите умствени сили за изучувањето на себеси, како членови на една татковина и еден народ”.

– Затоа, вели Мисирков „За да се достигне таа цел требало да се состави одделно друштво од лица за кои изучувањето на Македонија во етнографски, географски и историски однос има првостепено значење, а такви лица сме ние Македонците”. Значи потребата од вакви другарства (било) е  заради изучување на Македонија, а тоа значи изучување на нејзиниот јазик, литература, култура, историја. Впрочем, ние на овој Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура можеме да гледаме и како на еден природен наследник на ова другарство за кое се залагал Мисирков. Значи тоа што како идеја започнала да живее на почетокот на 20.век вистински се реализирала во средината или поточно во 1967 и еве трае и трае нешто повеќе од 50 години. А во оваа јубилејна 2021, кога се навршуваат точно 100 години од раѓањето на Блаже Конески, му се оддолжуваме со првата зимска школа во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, истакна Мојсова-Чепишевска.

На оваа прва зимска школа учествуваат 50 семинаристи од 16 земји кои од денеска до 5 февруари имаат можност да проследат 40 часа квалитетна лекторска настава. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато, кое, пак, ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). Наставата ја изведуваат лекторите (предавачи и професори) со долгогодишно искуство: Борче Арсов и Биљана Стојановска (за почетно ниво), Гордана Алексова и Бојан Петревски (за средно ниво), Бобан Карапејовски (за напредно ниво на полето на јазикот), Роза Тасевска и Јован Ковачевски (за напредно ниво на полето на преведувањето) и Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Ѓорѓиовска (за напредно ниво на полето на литературата).

На сето ова и УКИМ и Мојсова-Чепишевска гледаат како на еден вистински влог во отпочнувањето на прославата на големиот јубилеј – 100 години од раѓање на Блаже Конески, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот