Прва лига: Победи на Работнички и Гостивар

Екипите на Гостивар и на Работнички ги оправдаа фаворитските улоги во мечевите со тимовите кои се во долниот дел од табелата.
Работнички го скрши отпорот на Куманово во второто полувреме, истото го сторија и гостиварци на гостувањето во Чаир.
Кумановци му пружија доста добар отпор на тимот кој важеше како фаворит пред почетокот на средбата. На полувремето, „црвено-белите“ беа во плус од само шест поени (35:29).
Но со серијата од (7-0) која ја реализираа во нешто повеќе од две минути, на почетокот на третата четвртина кошаркарите на Работнички поведоа со (42:29).
Одлично, гледано напаѓачки, во гостинскиот тим, функционираа Џелетовиќ Малешевиќ и капитенот Марковски. Реализираа 40 од 49 поени за Работнички по 27. минути игра во кои гостите од Скопје го чуваа водството (49:37). А до крајот на тој дел од натпреварот, дојдоа до уште повисоки (56:40).
Практично, тука беше и крајот на Куманово 2009 за било какво „враќање во мечот“. Без вистинска играчка ротација и не можеа да сметаат на нешто повеќе. Работнички пак, од друга страна продолжи да го полни кошот на противникот. Имаа и плус 30 (80:50) избраниците на тренерот Димитар Мираковски, кои сега се изедначуваат со екипата на Феникс 2010 (со скор 11-8) на делба на шестото место на табелата.
За кумановци пак останува сериозна битка за опстанокот, одамна се на четири победи, сега го запишаа и 15. негативен резултат во сезоната.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ И ДВОЈКИ 19. КОЛО
Куманово 2009 – Работнички 54:82
Чаир 2030 – Гостивар 93:97
Феникс 2010 – ТФТ Мozzart 66:76
Струмица 2022 – Навико Академија ФМП 94:99
26.МАРТ (НЕДЕЛА)
19.00: Кожув – Пелистер