Прва годишнина од разурнувачката експлозија во пристаништето во Бејрут, семејствата на загинатите бараат правда

Ден по експлозијата / Бејрут, Либан / 05 август 2020 / Фото: EPA-EFE/WAEL HAMZEH

Либан денеска ја одбележува првата годишнина од разурнувачката експлозија во пристаништето во Бејрут, а семејствата на жртвите продолжуваат да бараат правда и одговорност.

Либан за денеска прогласи национален Ден на жалост во знак на сеќавање на првата годишнина од катастрофата, во која загинаа повеќе од 190 лица, беа повредени околу 6.000, а раселени уште 300.000 лица.

Продавниците, банките и деловните објекти денеска ќе бидат затворени, а владините згради ќе ги спуштат знамињата на половина копје.

Семејствата на жртвите планираат да маршираат до пристаништето, а мисата што таму ќе се оддржи треба да почне точно во време на експлозијата, во 18:07 часот по локално време.

Семејствата се заканија дека од понеделник ќе ги зголемат протестите, бидејќи истрагата за причините за експлозијата бавно напредува. Тие, исто така, го повикуваат парламентот да го укине имунитетот на пратениците и либанските безбедносни службеници кои ги обвинуваат за негрижа.

Една година по катастрофалната експлозија, се уште не е разјаснето кој доставил и неправилно складирал големо количество амониум нитрат во магацин во пристаништето во Бејрут.

– Вистината ќе излезе на виделина и секој виновник ќе ја добие својата казна, кажа либанскиот претседател Мишел Аун во телевизиско обраќање доцна синоќа.

Хјуман рајтс воч (ХРВ) вчера соопшти дека домашната истрага за експлозијата не ги исполнува меѓународните стандарди. Од тие причини ХРВ го повика Советот за човекови права на ОН да усвои резолуција за основање меѓународна и независна истражна мисија за масовната експлозија во Бејрут

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот