Прва африканка и жена на чело на организацијата: Оконџо-Ивеала е нова генералнa директорка на СТО

Фото: EPA-EFE/FABRICE COFFRINI

Нгози Оконџо-Ивеала денеска и официјално ја презеде должноста генерална директорка на Светска трговска организација (СТО). Оконџо-Ивеала е прва Африканка и прва жена на чело на СТО.

– Доаѓам во една од најважните институции во светот и имаме многу работа. Подготвена сум за тоа, изјави Оконџо-Ивеала.

Таа е економистка и експерт за меѓународни финансии и развој и се смета за квалификуван преговарач и градител на консензус, со искуство собрано во Африка, Азија, Европа, Латинска Америка и Северна Америка.

Оконџо-Ивеала помина 25 години како економист за развој во Светска банка, при што таа брзо се искачи по скалилата и стана извршен директор за операции.

Таа беше предводник на неколку иницијативи на Светска банка за помош на земјите со ниски примања, како за време на кризата со храна, така и при финансиската криза), генерирајќи повеќе од 40 милијарди долари за Меѓународната асоцијација за развој (ИДА).

Оконџо-Ивеала двапати беше министерка за финансии на Нигерија (2003-2006 и 2011-2015) и кратко работеше како министер за надворешни работи во 2006 година. Таа беше првата жена во Нигерија која била на двете позиции.

Како министерка за финансии, Оконџо-Ивеала спроведе сеопфатна програма за економски реформи што ја стабилизира макро-економијата на најнаселената африканска земја, тројно ја зголеми стапката на економски раст и поттикна поголема фискална транспарентност за борба против корупцијата.

Нигеријците ја сметаат Оконџо-Ивеала за жената што ја спаси осакатената економија на нивната земја. Таа се стекна со диплома за економија на Универзитетот Харвард (1976), дипломирајќи со високи почести (Magna Cum Laude) , докторат одбрани на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) и има 15 почесни дипломи од универзитети низ целиот свет.

Оконџо-Ивеала е автор на бројни книги и статии за финансии и економија. „Транспаренси Интернешнл“ ја прогласи за една од осумте инспиративни борци против корупција во 2019 година, додека списанието „Fortune” ја нарече една од 50-те најголеми светски лидери во 2015 година.

Оконџо-Ивеала (66) е омажена, има четири деца и има три внуци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот