Прв солистички концерт: Музички амбиции со светла иднина

Младиот пијанист Милан Дучевски на 22 јуни го одржа својот прв солистички концерт во „Пиjано центар“ при Националната опера и балет. Поради состојбата со коронавирусот, концертот се емитуваше онлајн на Фејсбук-страницата и на Јутјуб-каналот на приватното училиште „Пијано арт“. Во програмата на концертот беа вклучени дела од Ј.С. Бах, Л. ван Бетовен, Ф. Лист, А. Хачатуријан, Ф. Шопен, Т. Зографски и С. Рахмањинов.

– Концертот го организиравме за да го означиме крајот на моето основно музичко образование. Тој е резултат на подготовките за стручниот испит за прием во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, што ги почнав во февруари оваа година. Дел од репертоарот го работев во текот на летната музичка академија во Лилиенфелд, Австрија, минатата година. Програмата на концертот ја договорив со моите драги наставнички Маја Стојановиќ Крстиќ и Ана Велиновска од приватното музичко училиште „Пијано арт“. Тие, секако, многу ми помогнаа и со интерпретацијата на делата од мојата концертна програма.

Мојот омилен период е романтизмот, со композитори како Рахмањинов, Шопен и многу други. Најголем предизвик ми е да ги изведувам пиесите токму на овие композитори, кои впрочем беа застапени во мојата концертна програма – открива младиот пијанист Дучевски.

Максимално концентриран, сериозен и посветен, младиот Дучевски со концертот покажа дека светлата иднина на музичката сцена лежи во неговите десет прсти. Милан Дучевски е роден на 15.8.2005 во Скопје. Своето музичко образование го започнува во „Пијано форте“, по што продолжува во приватното музичко училиште „Пијано арт“ во Скопје, во класата на проф. Маја Стојановиќ. Минатата година, на покана на професор Ана Велиновска, Дучевски учествуваше на меѓународната летна школа во Лилиенфелд, Австрија, каде што доби многубројни пофалби за неговата музичка изведба. Милан ќе го продолжи своето музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, со цел да ја оствари својата животна желба да стане професионален пијано изведувач.

– Уживам во изведбите на пијанистите Артур Рубинштајн, Николај Лугански, Владимир Ашкенази, Ланг Ланг, Катја Буниатишвили, кои се еминентни интерпретaтoри на моите омилени композитори во светски рамки – вели Дучевски, откривајќи ги своите омилени пијанисти, чиј пример планира да го следи во остварувањето на сопствените музички амбиции.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 37, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот