Прозно дело: „Гордиот Дабидеш“ од Ирена Доускова

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ го објави романот „Гордиот Дабидеш“ на чешката писателка Ирена Доускова. Станува збор за едно од најпознатите чешки прозни дела, извонредно успешен и познат бестселер со повеќе изданија на чешки јазик, а преведен е и на петнаесетина други јазици. Делото било објавено во времето на Кадифената револуција, а само во Чешка се продадени повеќе од 65.000 примероци. Неговата сценска адаптација долго време се изведува во чешките театри и често е прикажувана на Чешката телевизија.

Приказната во оваа книга ја раскажува едно девојче, кое истовремено е и паметно и наивно. Хелена Соучкова нè води во текот на една година од првиот период на „владата“ на комунистичкиот претседател Хусак, опишувајќи комични, како и по малку забавни епизоди и ситуации во кои се вклучени деца и возрасни. Кратките епизоди создаваат компактна приказна која ги открива и малите и поголемите трагедии од детството на Хеленка. Книжевната критичарка Бара Грегорова за „Гордиот Дабидеш“ напишала дека „по својата природа е лесна, опуштена, нежна и интелигентна лектира што кај читателот предизвикува смеа до солзи и наплив од носталгија“.

Авторката Ирена Доускова (1964) е чешка писателка: романсиер, раскажувач, поет и драмски автор. Завршила Правен факултет, а работела како новинар, библиотекар и драматург. Од 2006 година заработува за живот од пишување книги, драми и филмски сценарија. Живее во Прага. Авторка е на десетина прозни книги кои се продадени во над 100.000 примероци само во Чешка. Ова е прво нејзино дело објавено на македонски јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 69, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 февруари 2021)

Видео на денот