Прозен контемплационен двобој на Марија Ангеловска во „Глава што лебди“

Со писателката Марија Ангеловска се сретнавме по повод промоцијата на нејзината прва збирка раскази „Глава што лебди“, со која ја доби наградата „Новите!“ за 2021 година на „Темплум“.

Во четвртокот во МКЦ беше промовирана „Глава што лебди“, првиот прозен ракопис на писателката Марија Ангеловска, со кој ја доби наградата за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“ за 2021 година, од издавачката куќа „Темплум“.

Како што се вели во рецензијата, авторката со автоиронија и непретенциозност ги доловува „ужасите од реалноста во прозен контемплационен ’двобој‘“. Збирката има 14 раскази, а Ангеловска ни откри повеќе за нив, и ја објасни симболиката во насловот.

– Кај некои раскази нарацијата е полирична, некаде има повеќе описи на настани, места, луѓе, чувства, додека некаде има повеќе дијалог. Тоа го направив така со цел да го пренесам тоа што сакам на поефективен начин или, пак, само за да поекспериментирам. Сакам и во иднина да продолжам да истражувам на тоа поле. Расказите се неповрзани, но има одредени елементи, теми и симболи што се провлекуваат. Во некои раскази можеби и ќе забележите дека одредени ликови потсетуваат на други, веќе видени во некој претходен расказ и спонтано се надоврзуваат. Можеби тоа е намерно, можеби не – заклучете сами. „Глава што лебди“ е, всушност, наслов на еден од расказите што најмногу ми се допадна како наслов, бидејќи е привлечен, мистериозен и може да се толкува на повеќе начини. Не би откривала многу за самиот расказ, но кога ги препрочитував останатите, забележав дека „лебдење“ и „глава“ се поими што се повторуваат на неколку места во ракописот и сфатив дека некако несвесно сум се врзала за тие поими. Од друга страна, пак, „глава што лебди“ или „лета во облаци“ потсетува на креативниот процес, фантазирањето, имагинацијата – објаснува авторката.

Насловот „Глава што лебди“ или „лета во облаци“ потсетува на креативниот процес, фантазирањето, имагинацијата

Инаку, таа е родена во 1994 година во Скопје, каде и дипломира по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет. Преведува и толкува, пишува проза и поезија, има читано поезија на Струшките вечери на поезијата, а има и објавувано раскази на бројни конкурси.

Рецензијата на „Глава што лебди“ го величи „лесниот и шармантен хумор“, па во тој контекст, ја прашавме Ангеловска дали хуморот ѝ помага да се ослободи од тензијата на секојдневието.

– Хуморот не треба секогаш да се смета за нешто шармантно и лесно. Честопати тој е алатка за процесирање на емоции, делува терапевтски, делува и критички. Сарказмот, иронијата и автоиронијата отсекогаш ми биле драги форми на изразување. Така и во расказите, некогаш го користам за да ги олабавам и насмевнам читателите (првенствено и самата себе), но понатаму и за да ги подзамислам, заскокоткам, да размислуваат за некои работи повеќе и подлабоко, бидејќи она што ќе нè насмевне и ќе го запамтиме, а она што ќе го запамтиме најверојатно ќе го пренесеме, прераскажеме и поразговараме околу тоа. Во врска со фантастичното среде реалистичниот текст, повторно би кажала дека го користам за да го привлечам читателот, бидејќи и кога јас читам, тоа е она на што „паѓам“ и што ми се допаѓа – вели таа.

Инаку, во наративот може да се препознаат жителите на Скопје и предизвиците во нивното секојдневие, но и луѓето на маргините и отуѓеноста меѓу луѓето.

– Отуѓеноста меѓу луѓето е нешто што ме прави тажна. А всушност, сите сме толку слични, се соочуваме со слични проблеми, живееме во слични услови, дишеме ист воздух, гледаме исти вести и сепак се правиме слепи пред проблемите. Преку расказите сакам да доловам дека секој може да се пронајде себеси или некоја личност од своето опкружување во барем еден расказ и се надевам дека тоа барем малку ќе нè направи поемпатични за оние околу нас, дека ќе придонесе до повеќе разбирање и помагање – потенцира авторката.

Во збирката забележлив е и нејзиниот интерес за психологијата. „Луѓето се менливи, тоа им го налагаат многу фактори од секојдневието. Сите тие пресврти, подеми и падови се многу важни бидејќи ни влијаат и нè менуваат. Во животот ништо не е постојано, па така, треба да сме подготвени на сè, но најважно е да продолжиме да растеме и да учиме од искуствата“, смета Ангеловска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот