Протоколот не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка, порачува Маричиќ

Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање. Историската комисија е дел од тој договор, исто така и овие протоколи. Тоа е билатерално прашање меѓу нас и Бугарија. Тој протокол не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка, порача вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ вечерва во гостување на ТВ Телма.

Во однос на бугарското барање да се вклучи референца за протоколите кои произлегуваат од Договорот за пријателство и добрососедство во преговарачката рамка, како и за потпишување на билатералниот протокол составен од историски, образовни услови и идентитетски прашања, како што бил преговаран и усогласен меѓу двете министерства за надворешни работи, Вицепремиерот тврди дека не е усогласен текстот на протоколот, не е договорен и не е потпишан, и оти сѐ уште има отворени прашања за кои мора да се разговара.

– Рамката е документ што го зацртува патот за наредните 10 години или колку и да се, како ќе изгледа текот на преговорите со ЕУ и е основа за договорот за пристапување кон ЕУ. Меѓу секоја меѓувладина конференција има услови секогаш, во сите преговори. Во однос на ова, ние не велиме да нема услови помеѓу, тоа ќе има по сите основи. Битно е ние да ги почнеме преговорите. Моментот кога ќе ги почнеме преговорите, го започнуваме скрининг процесот, значи аналитички анализа на нашето законодавство и практики, во однос на практиките и законодавството на ЕУ, појасни Маричиќ.

Тој рече дека за нас било важно првата меѓувладина конференција да не биде симболична, туку да означува реален почеток на преговорите.

– Доколку тоа се случи, ние можеме понатаму да разгледуваме кога и како и во кој рок може да се извршат уставните измени. Нашиот став од самиот почеток беше дека тие измени се возможни и можат да се направат до крајот на заклучувањето на преговорите, изјави Маричиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот