Протоколот ќе ги отвори Уставот и архивите, но и многу проблеми

Фото: МИА

Се најавува нов закон за досиејата на тајните служби, чествување на цар Самоил и Свети Климент Охридски, министерката за култура навестува цензура за идните творења на уметниците, час поскоро треба да се вметнат Бугарите во Уставот, ова е само дел од богатата есенска агенда

Македонската елита сега треба да реши каде сака да биде Македонија, на правилниот европски пат или спротивно, порачува бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, според кого дојде времето да се зацврсти довербата меѓу Скопје и Софија, така што двете страни ќе ги направат сите напори да проработат механизмите од вториот билатерален Протокол за спроведување на Договорот за добрососедство.

Ќучук смета дека протоколот е праведен и не смее да остане само лист хартија, а решенијата од тој документ и најавите за неговото спроведување веќе силно ја брануваат македонската јавност – се најавува нов закон за досиејата на тајните служби, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска меѓу редови навестува цензура за идните творења на уметниците, се очекува заедничко чествување на цар Самоил и свети Климент Охридски до крајот на годината, власта има обврска час поскоро да ги вметне Бугарите во Уставот за да може да продолжат преговорите со ЕУ итн.

„Нови реалности“, нови проблеми

Ќучук вели дека годинава немало заедничко чествување на Илинден поради нестабилната политичка ситуација во Бугарија, но, како што додава, ќе видиме како ќе биде догодина, затоа што секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи ако одиме кон иднината, а не кон национализмот.

– Историјата не е пречкртана со Протоколот, историјата е составен дел на преговарачиот процес и не се согласувам дека е турната под килим. Токму обратното, историјата треба да биде оставена во рацете на историчарите и таков мандат ѝ е даден на соодветната историска комисија. Таа треба да работи во духот на науката, во духот на заемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото и да бидат побарани нови допирни точки што треба да стапат во иднината. Тоа е неизбежно поврзано со членството на Северна Македонија во ЕУ, кое не му противречи на националниот интерес на Бугарија, напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат – вели Ќучук за бугарското радио „Фокус“.

Тие „нови реалности“ за кои зборува известувачот за Македонија во Европскиот парламент ја отворија дилемата меѓу уметниците – дали со билатералниот протокол ќе биде воведена цензура за идното творештво, што, пак, е забрането со Уставот, на што министерката за култура Костадиновска-Стојчевска даде контрадикторна изјава.

– Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро – рече таа за „Гласот на Америка“.

Во Протоколот е предвидено говорот на омраза, меѓу другото, да се спречува така што ќе нема државно финансирање нови книги, филмови и друга уметничка продукција што не е во духот на Договорот за пријателство, а секој уметник што ќе земе државни пари ќе се обврзе дека „ќе го следи со неопходно внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза“.

– Министерството за култура нема да ја има улогата на полицаец и да демне кој што ќе направи. Слободата на уметникот е голема и тој има право да се изрази и никој нема право тоа да го ограничи во ниту еден момент. Секој филм што ќе ја промовира македонската култура, македонскиот индивидуалитет, какви сме ние како Македонци, би требало да има поддршка. Но, сепак, мора да бидеме свесни дека мора да одиме напред, мора да се ослободиме и дека историјата не смее повеќе да ни биде затвор, треба да ни биде лекција – рече министерката за култура.

Сериозен процес

Преземените обврски од Протоколот ќе донесат и законско решение за отворање на досиејата на тајната служба во периодот од 1945-1991 година. ТВ Сител објави дека законот ќе почне да се подготвува од септември, а прво ќе се чека да се формираат експертските тимови за скрининг-процесот со ЕУ, за да се види во кој дел ќе припадне ова прашање. Но, од Министерството за правда велат дека засега не се преземаат активности за овој закон.

Обврската на Македонија е во рок од една година „да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и воено разузнавање и контраразузнавање, во периодот 1945-1991 година“.

Засега е неизвесно како ќе се одвива овој процес, затоа што експертите се изјаснија дека архивите од тие служби дел не се во Скопје, туку во Белград. Бугарија инсистира на ова за да го докаже своето тврдење дека во времето на комунизмот во Македонија имало прогон на луѓето со бугарска национална самосвест што, според нашите познавачи, е неточно.

Се очекува и власта да реши на кој начин ќе ја почне постапката за уставните измени, што е услов преговорите со ЕУ да продолжат, но кој засега е неизвесно дали ќе се исполни затоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ категорично тврди дека нема да дозволи да се создаде неопходното двотретинско мнозинство за таа намена. Уставни измени можат да предложат Владата, претседателот, 150.000 граѓани или најмалку 30 пратеници, а се шпекулира дека тие ќе се туркаат преку пратениците, со цел Владата да обезбеди легитимитет за постапката од Собранието, исто како кога го усвои францускиот предлог со кој се деблокираа преговорите за членство во ЕУ.

– Станува збор за сериозен процес во кој ќе треба да бидат вклучени повеќе надлежни институции и да го заокружат со заедничка координација. Има доволно време за имплементација на овој дел од Протоколот, да се организираме, добро да ги дефинираме работите и да ги канализираме за да се реализираат на најдобар начин – велат од Владата.

Малку пред септември се очекува и македонското и бугарското министерство за надворешни работи на своите сајтови да ги објават сите веќе донесени препораки од досегашната работа на Историската комисија, која, пак, досега даде препораки за заедничко чествување на пет личности – цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Климент и Наум Охридски.

Клубот „Иван Михајлов“ под лупа како потенцијален дискриминатор

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) вчера го извести МНР дека при завчерашниот увид во просториите на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола бил присутен и генералниот конзул на Бугарија во Битола Димитар Иванов, а според членовите на Комисијата, неговото присуство е обид за влијание врз нивната работа и можност за инструментализација на Комисијата за политички цели. КСЗД потенцира и дека е самостоен и независен орган, избран од Собранието, и за својата работа одговара единствено пред таа институција.

Комисијата завчера постапуваше по претставка на здружение на граѓани од Битола, кое го пријавило Клубот „Иван Михајлов“ за дискриминација. Увидот го вршеше поранешната пратеничка Весна Бендевска, која не откри кое однесување е пријавено за дискриминирачко, но посочи дека по завршувањето на постапката, мислењето ќе го објават пред јавноста.

Овој клуб беше отворен во април, во присуство на бугарскиот државен врв и предизвика бурни реакции поради називот „Иван Михалов“ кој бил фашистички соработник, како и поради цитатите на Михајлов, испишани низ клубот, со кои се негира постоењето на македонската нација. Во јуни, пејачот Ламбе Алабаковски ја запали вратата на клубот поради што беше во протвор, па во куќен притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот