Противниците на Македонија на ракометниот Мундијал 2025 (3): Унгарија чезнее за полуфинале
Највисоко рангираниот тим во групата во која е и Македонија посакува да направи подобар резултат од петтото место што го освои на Европското првенство 2024. Тимот кој има голем потенцијал е првиот противник на црвено-жолтите на Мундијалот, мечот е в среда
Тимот на Унгарија го сметаат за благ фаворит за првото место во групата во која се уште и Македонија, Холандија и Гвинеја. Унгарците се тим што знае да им зададе мака и на најголемите, но, подолго време нема трофеј од големо натпреварување.
На овој мундијал составот предводен од шпанскиот стручњак Чема Родригез се надева дека ќе забележи подобар пласман од петтото место што го освои на ЕП 2024.
Десниот бек Габор Анчин од Ференцварош смета дека неговиот тим може да дојде до полуфиналето. Унгарците сигурно ќе минат во Главната фаза во која одат трите најдобри од групата, но, сакаат да пренесат максимални четири бода.
– Многу сум уверен дека сега можеме да постигнеме подобар резултат од нашето петто место на минатогодишното Европско првенство. Секако, свесни сме за силата на конкурентите, знаеме дека навистина сите коцки треба да се поклопат за да се оствари тоа – вели Анчин.
Избалансиран тим
Унгарија има избалансиран тим составен од искусини и млади играчи. Големи надежи се полагаат на пивотот Бенс Банхиди (Пик Сегед). Искусниот централен бек Мате Лекаи (Ференцварош) носи сигурност во играта, а бековите Ричард Бодо (Пик Сегед), Золтан Жита (Висла Плок) и Анчин ако имаат свој ден, ретко промашуваат. Бенс Имре, десното крило на Кил, е еден од адутите.
Унгарците ја сметаат групата релативно лесна, а во прилог им оди тоа што играат во Вараждин кој не е далеку од нивната земја, па се надеваат на голема поддршка од трибините.
Србија ја „глумеше“ Македонија
За да се подготват што подобро за првиот меч на СП, во кој противник ќе им биде Македонија (15 јануари), Унгарците изиграа тест-мечеви со Србија која има сличен стил на игра, според селекторот Родригез. Првиот меч заврши 30-30, а вториот се играше синоќа. За разлика од Анчин, селекторот Родригез е поскромен во амбициите.
– Сакаме да завршиме меѓу осумте најдобри. Нема да биде лесно, но имаме шанса да пренесеме максимален број бодови во Главната фаза. Таму треба да победиме два меча за да влеземе во најдобрите осум – вели Родригез.
Унгарија и Македонија досега играле четири меѓусебни меча, а скорот е 4-0 за Унгарците. Последен пат се сретнавме на ЕП 2014, Унгарија победи 31-25. СП во Хрватска, Данска и Норвешка стартува на 14 јануари, трае до 2 февруари.
Која е Унгарија
Учества на СП (вклучувајќи 2025): 23
Пласман на СП 2023: 8
Најголем успех: Сребро СП 1986, бронза СП 1997
Ѕвезди: Бенс Банхиди (пивот Пик Сегед), Ричард Бодо (лев бек, Пик Сегед), Бенс Имре (десно крило, Кил).
Противниците на Македонија на ракометниот Мундијал 2025 (2): Холанѓаните нишанат на четвртфинале