Противниците на Македонија на ракометниот Мундијал 2025 (2): Холанѓаните нишанат на четвртфинале

EPA-EFE/Lukasz Gagulski

Портокаловиот тим предводен од шведската легенда Штафан Олсон не ги крие високите амбиции на претстојниот Мундијал. Холандија има квалитетен тим, одличен селектор и амбициите се разбирливи. Македонија и Холандија ќе се судрат во второто коло на 17 јануари

Селекторот на холандската репрезентација, легенарниот Швеѓанец Штафан Олсон, неодамна во интервју ги кажа амбициите на својот тим на претстојното Светско првенство 2025. Холандија настапува во групата заедно со Македонија, Унгарија и Гвинеја. Најдобрите три тима одат во Главната фаза.

– Не е проблем да дојдеме до Главната рунда, иако нема да потценам ниту еден противник. Но, се работи за тоа дали ќе пренесете нула, два или четири поени во Главната фаза. Тоа прави голема разлика во шансите за пласман во четвртфиналето – вели Олсон.

Холандија ја покажа формата играјќи неодамна на турнир на кој го освои првото место, совладувајќи ги Косово (36-24), Италија (31-26), а изгуби од Швајцарија (33-34).

Холанѓаните немаат голем континуитет настапи на големи натпреварувања, но, земајќи го предвид квалитетниот состав на овој тим, нивната амбиција да дојдат до четвртфиналето не е неостварлива.

Клучни играчи

Клучни играчи се брзиот централен бек на ПСЖ Лук Стеинс, десниот бек на Фленсбург Кај Смитс, левиот бек на ПСЖ Дани Бајенс, Боби Шаген од Лемго… Тимот на „портокаловите“ е составен од играчи кои настапуваат во Бундеслигата, во врвните лиги во Франција, Швајцарија… Во тимот е и вардарецот Ларс Коиј, кој е пивот. Тимот на Холандија е полн со квалитет и таа е фаворит во мечот од второто коло со Македонија на 17 јануари.

– Нашата цел треба да биде да се пласираме во Главната рунда и оттаму да видиме можно ли е да дојдеме до четвртфиналето. Ние сме многу близок тим кој работи многу заедно, дури и надвор од теренот. Тоа се покажува и во начинот на кој играме ракомет; се бориме и се натпреваруваме еден за друг, а исто така се обидуваме да ја забавуваме јавноста прикажувајќи брз, креативен и атрактивен ракомет – вели капитенот Шаген.

Холандија славеше над Македонија на СП 2023

Единствениот дуел помеѓу холандската екипа и Македонија се случи на СП во 2023 година, во групната фаза. Тогаш, Холандија славеше со 34-24, а 10 гола постигна Стајнс. СП во Хрватска, Данска и Норвешка стартува на 14 јануари, трае до 2 февруари.

Која е Холандија

Учества на СП (вклучувајќи 2025): 3
Пласман на СП 2023: 14
Најголем успех: 10. место ЕП 2022
Ѕвезди: Лук Стајнс (ПСЖ), Дани Бајенс (ПСЖ), Кеј Смитс (Фленсбург)

Противниците на Македонија на ракометниот Мундијал 2025 (1): За Гвинеја сонот веќе стана стварност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот