Противкандидатите го нападнаа Шилегов во дебата, тој се бранеше со постигнатото во Скопје

Дебата на дел од кандидатите за градоначалник на Скопје на ТВ Телма / 13 октомври 2021 / фото: Телма/принтскрин

Во атмосфера која се вжештува со доближувањето на датумот на локалните избори, вечерва на телевизија Телма се случуваше предизборно соочување на шестмина од дванаесетте кандидати за градоначалник на Скопје: Петре Шилегов од СДСМ, Данела Арсовска, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Тортевски од Твоја партија, Петар Георгиевски-Камиказа од Левица, Ана Петровска од Зелен хуман град и Арбен Бени Шаќири од коалицијата ЛДП-ДОМ.

Во дебатата, како и во досегашните меѓу кандидатите за прв човек на Скопје, се слушнаа многу обвинувања и напади врз актуелниот градоначалник Шилегов.

„Јас лично ве качив на бина кога станавте градоначалник и се договоривме да бидете чесен и нормален градоначалник. Но, вие може сте добар правник, но испаднавте лош градоначалник“, му рече Шаќири на Шилегов, обвинувајќи го дека лаже и дека не остварил ништо од ветувањата.

Актуелниот градски татко не остана должен по овие обвинувања, одговарајќи му на Шаќири дека се налутил затоа што не бил поставен за директор на МКЦ.

„Сите знаат дека станавте кандидат за градоначалник на Скопје, зашто не станавте директор на МКЦ. Ние кога рушевме режим се договоривме дека ќе го слушаме гласот на граѓаните. Вие требаше да бидете партиско решение за директор на МКЦ, но имаше петиција против и ние го послушавме гласот на граѓаните“, возврати Шилегов.

Александар Тортевски, кандидатот на Твоја партија, го обвини Шилегов дека прави тешка злоупотреба со „користењето на вработени од Град Скопје за приватни потреби“.

„Во однос на начинот на трошење на парите на граѓаните го гледам и во овие емисии кои ги правиме сега. Вие надвор имате службеници од градот кои ги носите со вас како да ви се слуги, а ние ги плаќаме. Тие ви се лични секретарки, кои земаат плата од Градот а ви ги носат тефтерите. Тоа можете да го направите ако се вработени во вашата адвокатска канцеларија или приватен секретар. Не може вработена во вашиот кабинет да биде овде надвор и да ви го носи тефтерот. Тоа е тешка злоупотреба на службената положба“, рече Тортевски.

Данела Арсовска, пак, рече дека Шилегов не остварил ништо од ветувањата кои ги дал пред минатите избори.

„Булеварот „Словенија“ да сте го завршиле, а ви беше во програмата од 2017-тата година, а сега повторно го ставате. Сите овие работи што ги набројувате треба да знаете, исто така кога говорите нешто дека реализиран проект значи дека треба да го отпочнете и да го завршите, а вие од вашата програма немате реализирани проекти и тоа 95% од она кое што сте го ветиле од 2017-тата година. За жал до денес скоро ништо не е реализирано“, рече Арсовска.

Таа рече и дека Шилегов „лажно им ветувал на многу граѓани решавање на проблемите, вклучително и со водоснабдувањето“.

Шилегов одговори со противобвинување – дека Арсовска покажува непознавање на надлежностите на Град Скопје, бидејќи, посочи тој, местата што ги споменува се надвор од Генералниот урбанистички план, за кој е надлежен Градот.

Одговарајќи на обвинувањата, Шилегов ги посочи проектите кои биле завршени за време на неговиот мандат, како и успесите во борбата против проблемите на Скопје, меѓу кои е загадувањето.

„Градот Скопје до сега има изработено пет фази од зелениот катастар. Попишани се околу 130 илјади дрвја, а во моментов тече шестата фаза на новоизградените булевари. Потпишани се договорите за соработка со сите општини и до март 2022 година ќе имаме катастар на блоковското зеленило“, рече Шилегов, додавајќи дека пред усвојувањето на новиот Генерален урбанистички план наредната година, зелениот катастар ќе биде целосно завршен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот