Протести и во Кичево и Тетово против поскапувањето на струјата

Фото: МИА

Попладнево во Кичево се одржа четвртиот мирен протест против поскапувањето на струјата кој се одржа на градскиот плоштад.

Организаторите на протестот кој се одвиваше под мотото „И Кичево протестира против ЕВН”, повторија и денеска дека тие се организираа како реакција на поскапувањето на струјата и немаат никаква политичка заднина, нивните барањата се едноставно од економски карактер.

Тие ги имаа речиси истите барања како и на претходните три протести, поништување на одлуката за поскапување на струјата, намалување на цената на струјата за 46 отсто, намалување на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто, како и распуштање на Регулаторната комисија за енергетика. Денеска беше додадена уште една точка, со што бараат да се простат долговите за електрична енергија на социјално загрозените семејства.

Исто така, тие сметаат дека потребно е независно арбитражно тело кое ќе ја регулира и оценува услугата која граѓаните ја добиваат од енергетските компании.

Протестот заврши мирно на плоштад, денеска немаше марширање. 

И во Тетово вечерва се одржаа блокади на сообраќајот на градските улици и булевари од страна на иницијативата „Доста е” во знак на незадоволство од зголемувањето на цената на електричната енергија.

Фото: МИА

На три места од 18 часот членови на иницијативата и граѓани блокираа три крстосници-кружниот тек кај Монопол, кружниот тек на булеварите Илиден и Видео Смилевски-Бато (кон Гостивар) и кружниот тек кај стадионот. Блокадите траеја 45 минути.

Граѓаните бараат пониска цена на струјата за 46 отсто, укинување на регулаторната комисија, да се намали ДДВ од 18 на 5 отсто и да се формира независен арбитрарен орган кој ќе верификува квалитет на услуги и ги адресира поплаките на граѓаните од енергетските компании, посочија од организацискиот одбор.

Фото: МИА

Ова е шести пат да се организираат јавни протести и собири во Тетово на кој што се изразува револтот од зголемените цени на електричната енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот