Протест против расната сегрегација утре во Вашингтон

Во Вашингтон за утре е закажен голем протест против расната сегрегација и неправдата околу полициското насилство врз црномурестото население во САД. Протестот следува по десеттина денови демонстрации низ земјата како реакција на смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, после насилното полициско апсење на 25 мај во Минеаполис.

Во меѓувреме, двајца припадници на Националната гарда синоќа беа повредени од удар на гром во паркот Лафајет, откако Вашингтон и околината ги зафати бура со грмотевици и обилен дожд, јавија некои американски гласила. Паркот се наоѓа во близина на Белата куќа, и едно од местата на протестните активности кои деновиве се одвиваат во градот.

Војниците биле однесени во болница со сериозни повреди, но според портпаролот на градската противпожарна служба, повредите на биле од животна опасност. Немало повредени меѓу стотиците демонстранти собрани таму. Илјадници демонстранти синоќа имаше и пред меморијалниот комплекс Линколн чиј влез беше блокиран од американски војници.

Воената полиција и други безбедносни служби од неколку сојузни агенции се активно деновиве во Вашингтон, а нивното присуство е извор на несогласувања меѓу градските власти и сојузната влада.
-Сакаме војниците да бидат надвор од државата, надвор од Вашингтон, рече синоќа градоначалничката на Вашингтон Мјуриел Баузер.

Градските власти побараа федералниот одговор на протестите да не се протега подалеку од областа околу Белата куќа и плоштадот Лафајет.

Во Минеаполис пак, синоќа се одржа комеморативен собир посветен на Флојд каде присутните споделија спомени за него како посветен татко и семеен човек. Поменот во Минеаполис, е прв од неколкуте кои ќе следат, еден во Јужна Каролина, каде Флојд е роден, и уште еден во Хјустон каде поминал голем дел од својот живот.

На службата во четвртокот во Минеаполис присуствуваа пасторот Шарптон, активистот за граѓански права Џеси Џексон, сенаторката од Минесота, Ејми Клобучар, неколку членови на Конгресот и познати личности, вклучувајќи ги Лудакрис, Кевин Харт, Тифани Хадиш и Т.И.

Публиката во Северно-централниот универзитет покажа почит кон починатиот со тишина во должина од осум минути и 46 секунди – токму толку време колку што полицаец Дерек Човин го даваше Флојд на вратот со коленото.

-Приказната за Џорџ Флојд е приказна за црните луѓе. Бидејќи уште од пред 401 година, причината зошто никогаш не би можеле да бидеме тоа што сакавме и тоа што сонувавме е затоа што го држиш коленото на нашиот врат, кажа Шарптон.

-Време е да застанеме во име на Џорџ и да речеме: Тргнете го коленото од нашиот врат!

Тој рече дека е време оние во американскиот правосуден систем да престанат да „даваат изговори и празни ветувања”.

Филонис Флојд, еден од браќата на Џорџ Флојд, раскажуваше за игрите во детството и рече дека е зачуден од бројот на луѓе што дојдоа да го споменуваат Џорџ Флојд.

Шарптон најави марш во Вашингтон што ќе се одржи на 28 август, на 57 годишнината од денот на историскиот марш со Мартин Лутер Кинг и неговиот легендарен говор „Имам сон”.

Исто така во четвртокот, членовите на Демократскиот партија во Сенатот одржаа молк од осум минути и 46 секунди во чест на Флојд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот