Протест против новиот закон за работни односи во Атина

Мирни протест во центарот на Атина одржаа синдикатите на вработените во јавниот сектор и на Комунистичката партија, во рамките 24-часовниот штрајк поради владините реформи во законот за работни односи.
Главната порака на демонстрантите беше да не биде изгласан законот, за кој сметаат дека ги поткопува работничките права и го зголемува задолжителното работно време.
Побараа колективни договори, задржување на петдневната работа со осумчасовно работно време и порачаа дека повеќе нема да толерираат „удавени во поплавите, изгорени во пожарите и робови на работа“.
Штрајкот на синдикатите го поддржаа и опозициските партии, а на протесстот беа претседателот на пратеничката група на СИРИЗА, генералниот секретар на Комунистичката партија, претседателката на Курс кон слобода, како и претставници од ПАСОК.
Новиот закон за работни односи, кој меѓу другото ја легализира работата на две различни работни места, веќе е донесен во Парламентот и се очекува денеска да биде ставен на гласање.
Поради штрајкот има проблеми во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа дека метрото не работи, а со неколкучасовни прекини на работното време учествуваат и автобусите, трамвајот и тролејбусите во Атина.
Протести освен во Атина се одржаа и во други грчки градови. Одвоен протест и независно од синдикатите и нивните барања, одржаа и сезонските пожарникари, кои бараат постојани вработувања.