Протест на туристичките работници: Државата да покаже дека ни е партнер

„Туризмот на респиратор”,„Ни треба помош сега и веднаш”, „Триста туристички агенции ќе стават клуч на врата”, „Државата ќе загуби милионски суми од даноци”, „Автобусите ќе останат паркирани”, „Помош за агенциите значи спас за туризмот”, беа само дел од транспарентите на денешниот мирен протест што го организираа туристичките работници.

Тие пред Владата уште еднаш ги искажаа своите барања и предупредија дека ако државата не реагира веднаш, секторот ќе колабира. Околу 5.000 семејства, рекоа, ќе останат без приходи и исто толку лица ќе треба да се пријават во Агенцијата за ваботување.

Апелираа дека веќе пет месеци не работат и не остваруваат никаков профит, поради што не можат да ги подмират тековните трошоци и обврски, а доведена е во прашање и нивната егзистенција. Доколку ваквата ситуација продолжи, ќе бидат приморани да стават клуч на врата.

– Постоиме со години, некои од нас од осамостојувањето на земјата. Секогаш сме биле партнери на државата, сметаме дека и таа, особено сега, треба да покаже дека ни е партнер. Со даноците што ние сме ги плаќале, државата плаќала администрација, здравство, образование, се. Сега е моментот кога бараме одговорност од оние на кои ние сме им биле партнери во нивните давачки. Сега тие треба да ни бидат парнетри  и да ни помогнат да опстоиме, не да профитираме, истакнаа учесниците на протестот.

Според нив, ако државата му помогне на туристичкиот сектор да опстане, ќе им помогне и на останатите дејности во стопанството зашто сите се меѓусебно поврзани.

Субвенционирање на платите од 14.500 денари до крајот на годината со 100-процентно покривање на придонесите, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени преку Фондот за туризам според остварен промет во 2019 година, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци, се само дел од барањата на туристичките агенции од земјава.

За превозниците, пак, се бара наместо 50 проценти, како сега, капацитетот на исполнетост на возилата да биде 70 отсто од седиштата, како и до 2021 година да важи зелениот картон за 2020-та  кој е веќе платен, но не и искористен.

Иако уште во јуни директно ги доставија барањата во Министерството за економија, а потоа уште еднаш апелираа на сериозноста на ситуацијата, туристичките работници попладнево повторија дека очекуваат Владата да одговори конкретно како може да помогне.

Протестот почна во 16:00 часот, од Дрво Декор, продолжи кон булеварот „Кочо Рацин”, улиците „11 Октомври”, „Димитрие Чуповски” и „Васил Главинов”, па преку булеварите „ВМРО” и „Илинден” заврши пред Владата. Учесниците беа следени од неколку автобуси како потсетување дека протестот го поддржуваат и превозниците.

Според организаторите, протестот нема никаква политичка позадина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот