Просветниот инспекторат му забрани на УКИМ да им бара на студентите изјави дека нема да конкурираат на други универзитети

Индекси, студенти, бруцоши
Студент со индекс / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Државниот просветен инспекторат (ДПИ) му наложи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и факултетите во негов состав да престанат да им бараат на идните студенти Изјава за неконкурирање на друг универзитет и Изјава за неподигање документи при упис во академската 2022/2023, затоа што е тоа спротивно на Законот за високо образование.

Директорот на ДПИ, Ардијан Муслиу, за МИА изјави дека вчера бил извршен вонреден инспекциски надзор на УКИМ, а Решението за изземање на двете изјави од документацијата што студентите ја доставуваат за упис, било издадено усно поради итноста, односно поради тоа што е во тек електронското аплицирање на кандидатите за запишување на факултетите и поради рокот определен за запишување на кандидатите кој истекува за неколку дена.

Надзорот на ДПИ ги потврдил поплаките на студентите, односно е констатирано дека во електронска апликација, iKnow-системот за упис на студентите во академска 2022/2023, покрај останатите документи кои треба електронски да ги пополнат, задолжително треба да пополнат и подоцна, при нивната достава во хартиена форма, да потпишат Изјава за неконкурирање на друг универзитет и Изјава за неподигање документи.

Со изјавата за неконкурирање на друг универзитет, кандидатот се обврзува да конкурира само на една од единиците на Универзитет „Св. Кирил и Mетодиј” – Скопје и на ниту еден друг универзитет, додека со Изјавата за неподигање на документите кандидатот се обврзува дека во рок од три месеци нема да ги подигне оригиналните документи кои ги доставил при уписот.

Наведените изјави задолжително требало да ги пополнат и потпишат сите апликанти за запишување на прв циклус на студии во академската 2022/2023 година на сите единици на Универзитет „Св. Кирил и Методиј”-Скопје.

– Наведеното е спротивно на член 27, став 2, алинеја 1 од Законот за високото образование, како и спротивно на член 158, став 5, од Законот за високото образование, рече Муслиу за МИА и соопшти дека претставникот на субјектот на надзор изјавил дека уште веднаш ќе се обрати до службениците задолжени за одржување на iKnow-системот да ги тргнат изјавите од електронската апликација.

Директорот на ДПИ посочи дека поради итноста односно затоа што е во тек електронското аплицирање за упис на факултет, како и поради рокот определен за запишување на кандидатите кој истекува за неколку дена, согласно член 83, став 6, од Законот за инспекциски надзор, од страна на советниците државни просветни инспектори задолжени за постапување по предметот, дадено е усно Решение за изземање на двете изјави од документите кои студентите треба да ги пополнат, потпишат и достават при аплицирање за студирање на прв циклус на студии на единиците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.

Решението на ДПИ, исто така, наложува и да биде доставена информација до сите единици на Универзитетот во иднина да не ги бараат наведените изјави. Согласно Законот за инспекциски надзор, ќе следува и Решение за отстранување на незаконитоста во работењето на Универзитет „Св. Кирил и Методиј”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот