Просветни инспектори во потрага по недозволено отпечатени учебници 

Учебници / Фото: Слободен печат

Бирото за развој на образованието никому му нема издадено одобрение да печати примероци од дигиталните учебници. Просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците – информира министерката Царовска.

Печатени и фотокопирани учебници, дури и цели комплети, се продаваат на диво, па и во книжарници и фотокопирници, без да ги имаат авторските права за тоа, иако истите учебници во дигитална форма ги има бесплатно на платформа на Министерството за образование – објави министерката за образование Мила Царовска. 

– МВР има укажувања, а и постапувања, каде што се прекршени материјалните права на авторите и на издавачите на учебници – изјави вчера министерката Царовска одговарајќи на новинарско прашање.

Бирото за развој на образованието никому му нема издадено одобрение да печати примероци од дигиталните учебници, информира министерката. Таа рече дека просветните инспектори се постојано на терен за да контролираат дали се користат фотокопирани учебници за четвртоодделенците апелирајќи да се користат дигиталните верзии.

Царовска потсети дека учебниците се бесплатни и се достапни на e-biblioteka.gov.mk и треба да се користат во дигитална верзија затоа што тоа е од највисок интерес на учениците и процесот на нивно дигитално описменување и за следење наставни содржини проследени со мултимедија и квизови Што ги нема во печатената верзија.

– Секој родител што се обидува на ученикот да му наметне печатен учебник прави штета, не му прави добро, затоа што користење дигитални учебници е свесно поставено така за да добиеме и подобра дигитална писменост, но и да им посочиме на учениците дека користењето електронски уреди не се само за играње туку се и места за учење и примање знаење – истакна  Царовска.

Колаж: Мила Царовска, учебници / Фото: Архива на „Слободен печат“

МОН набавило 20 отсто од вкупниот потребен тираж на печатени учебници, кои се платени и испратени до училиштата за потребите на учениците што немаат електронски уреди или интернет-врска, а одреден број примероци им се дадени на училишните библиотеки.

– За сите други МОН набави дигитални уреди, таблети, и околу 3.500 до денеска се дистрибуирани и на располагање на општините им се уште 6.500 од вкупно десетте илјади набавени – додаде министерката.

На новинарско прашање Царовска одговори дека е апсолутно задоволна од текот на учебната 2021/2022 година и од спремноста на училиштата и на наставниците да ги прифатат промените, а со отпорите, како што рече, што некој се обидуваше да ги создаде вештачки, се прави само штета на образованието и на секој ученик.

Од септември почна да се применува новата концепција за основно образование, со која во прво и во четврто одделение наместо од хартиени учебници, учениците учат од паметни уреди. Повеќе од еден месец по почетокот на училишната година, од Министерството за образование велат дека дигитални учебници има, а од граѓанската иницијатива за образовни реформи „Учебници и настава мора да има“ велат дека нема и дека со тоа е прекршен Законот за учебници, според кој учебникот е основно и изворно средство за учење.

– Од вкупно 4.380 четвртоодделенци, 1.263 ученици добиле материјали за учење. Министерството за образование и наука доставило само 860 таблети, од кои 581 дополнителни таблети се обезбедени од локалната самоуправа, како и 191 таблет од донации и самофинансирање. Од вкупно 88 училишта, 17 училишта немаат паметни табли и се во очекување. На дел им е одговорено дека ќе ги добијат по локалните избори, со што, за жал, се потврдува дека половина учебна година ќе немаат извори за едукација. Осум училишта немаат никаква ИТ-опрема и комуникациска технологија, две училишта немаат интернет и дел од нив имаат слаба конекција, а две училишта се реновираат – изјави Драгана Спасевска од иницијативата.

Оттаму додаваат дека Бирото за развој на образованието ги потврдило нивните сомнежи дека учебниците за прво и за четврто одделение не се учебници туку се материјали за учење.

Претседателот на Синдикатот за образование и наука Јаким Неделков вели дека во училиштата постои големо шаренило.

– Ние сме надлежни за правата во согласност со законот и колективниот договор за наставниците, а попатно без некои поголеми надлежности даваме забелешки и за образовниот процес. Колегите кажуваат најразлични информации за тоа колку имаат услови, а колку немаат. Дел од нив велат дека имаат паметни табли и се обидуваат да изведуваат настава на овој начин на учење, што е поинаков од претходниот. Но, друг дел од училиштата нема, особено во руралните средини, каде што освен паметни табли, сè уште нема ни интернет. Тој е едниот проблем, а другиот е дека учениците треба и дома да имаат уред за да го утврдат тоа што го учеле и евентуално да се водат и од некаде да гледаат кога решаваат домашна задача. Сè на сè, постои шаренило, еве конкретно за четврто одделение наша констатација е дека не постојат услови секаде во училиштата – изјави Неделков за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот