Прославениот писател Георги Господинов е гостин на „Или-Или“

Промоцијата на романот „Засолниште во времето“ со гостување на авторот, прославениот бугарски писател, Георги Господинов, ќе се одржи утре (1 декември) во киното „Фросина“ во МКЦ, со почеток во 21 часот. Модератор на промоцијата ќе биде Дарин Ангеловски, а промоторки на романот се Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Романот од бугарски на македонски јазик го преведе Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-Или“ во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Во својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор претставува свет во којшто луѓето бараат засолниште во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со Алцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат.

„Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“, напиша италијанскиот писател Сандро Веронези, двоен добитник на „Премио Стрега“.

„Георги Господинов е единствен во многу работи. Никој не може да ги спои интригантниот концепт, прекрасната фантазија и совршената техника на пишување како што тоа го прави тој“, напиша нобеловката Олга Токарчук.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесет јазици. На македонски јазик се објавени: „Природен роман“ („Темплум“, „Или-Или“), „И други приказни“ („Темплум“), како и збирката песни „Балади и распади“ („Блесок“), неговиот најуспешен роман „Физика на тагата“ („Или-Или“, 2015), како и збирките раскази „И сè стана месечина“ („Или-Или“, 2017) и „Сите наши тела“ („Или-Или“, 2019).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот