Просечна плата, што тоа не е – Слободен печат
Колумни

Просечна плата, што тоа не е

Една од најманипулативните бесмислици што денес масовно се употребуваат во економијата и политиката, и тоа како еден од најчесто користените параметри, е таканаречената „просечна плата“.

Човековите очи го гледаат само она што неговиот ум е подготвен да го прифати. Ова својство на нашиот когнитивен апарат веројатно било развивано повеќе милиони години од еволутивниот развој на човекот како животински вид. Конечно, тоа и самите можете да го проверите и докажете на илјада начини, но омилениот школски пример е од областа на астрономијата. До коперниканската револуција човештвото ја гледаше земјата како стабилна референтна точка во универзумот, а сонцето, планетите и ѕвездите како се вртат по небото околу неа.

Научната промена од пред четири века ја прифатија само малкумина научни гении – да ги изброиш на рака –  што почнаа да ја „гледаат“ земјата како тркалезно небеско тело што се врти околу својата оска и околу сонцето. Денес, безмалку целото човештво ја гледа земјата и небеските тела „низ очите“ на тие неколкумина ренесансни великани.

Манипулативна бесмислица

За жал, две сосем чудни последици произлегуваат од оваа општочовечка когнитивна премиса: првата е дека презрените предрасуди врз кои се темелат сите зла на светот се всушност еволутивно највтемелениот механизам на нашиот мозок за спознавање на светот околу нас, а другата произлегува – или ја овозможува – првата, а тоа е дека интелектот на најголемото мнозинство луѓе на планетава функционира првенствено со помош на механизмот на слепата верба и прифаќањето здраво за готово, отколку што се служи со разумот. На овие две поразителни консеквенции се темелат бескрајно големиот број манипулации, илузии, еуфемизми и верувања што се одгледуваат во секојдневниот живот, а служат само како „опиуми за народот“, како средства за одржување на социјалната кохезија на општествата, или, едноставно, како средства за отапување на мислата и обезбедување на социјалниот мир.

Една од најманипулативните бесмислици што денес масовно се употребуваат во економијата и политиката, и тоа како еден од најчесто користените параметри, е таканаречената „просечна плата“. Ќе признаете, почитувани читатели, дека нема политички говор, компаративна економска студија или дури ни обично чанче муабет, а да не се наведе некоја бројка денари, евра или долари како „просечна плата“. И, никој не се чувствува непријатно поради фактот што во современиот глобален капитализам, овој параметар не само што не значи ништо, туку е и тешка статистичка грешка (зашто се пресметува како аритметичка средина), што во официјалната употреба всушност претставува бесрамна и злонамерна лага.

Но, да одиме по ред. Што е, всушност, просек? Има голем број математички и статистички методи за пресметувањето на просекот на нештата, кои се употребуваат за различни ситуации, но значењето на поимот е дека тоа е број или мерка што ја одразува централната или типичната вредност на една група на податоци или поединечни вредности. Од оваа општа дефиниција, меѓутоа, како да се измолкнува вистината за просекот, а тоа е дека тој рационално и со смисла може да се употребува само за некои групи на вредности, а за некои е пак делумно или потполно неупотреблив, односно бесмислен и апсурден, особено ако се пресметува како аритметичка средина.

Еве, на пример, просечните височини на сите мажи или жени на планетата, се исклучително веродостојни и употребливи параметри, кои имаат неограничено голема употреба во дизајнирањето, проектирањето и произведувањето на сите градби на светот, сиот мебел, облека и предмети за домаќинство, и буквално се што мора да го има човекот за мерка. Просечната височина е, меѓутоа, употреблив и рационален параметар само и единствено затоа што односот помеѓу најголемата и најмалата висина на 99 отсто од човештвото е 1,4, но тајната на употребливоста на просечната височина се наоѓа во оној преостанат 1 отсто, зашто таму односот помеѓу екстремно ниските и екстремно високите нема да го надмине бројот од 2,5. Да постоеја луѓе високи 100 метри или 16 километри, параметарот „просечна висина“ ќе беше потполно бесмислен и неупотреблив.

Фатална маана

Со енормното растење на нееднаквоста на целата неолиберално капиталистичка планета, просечните вредности имаат се помалку смисла, а просечната плата не зборува ништо – или бесрамно лаже – за примањата на просечниот човек, односно за огромното мнозинство на сиромашни. Таму каде што односот помеѓу минималната и максималната плата изнесува неверојатни 13.000, параметарот „просечна плата“ не само што ја губи смислата, туку станува тешка, манипулативна лага. А, овој однос помеѓу највисоките и минималните примања е постигнат во Македоња Вечна, што беше пред некое време и официјално објавено од страна на Министерството за финансии. Од соопштението сознавме и дека „половина од луѓето во Македонија што остваруваат доход имаат под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, а 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно“. Или, накусо, дека повеќе од 80 отсто од вработените имаат плата помала од официјално пресметаната „просечна плата“!

Како што вели познатиот економист Бранко Милановиќ, „просечните вредности, дури и кога се точни, немаат многу значење во светот на нееднаквоста“. Поради тоа, денес, кога сме „ослободени“ од диктатурата на лагата на ВМРО, параметарот „просечна плата“ не би требало официјално да се употребува од страна на владата, зашто социјалдемократијата е измислена не за да ја замаглува грдата вистина за размерите на нееднаквоста и сиромаштијата во земјата, туку да се бори да ја искорени оваа фатална мана на капитализмот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close