Пропаста на западната цивилизација
Како да се најде решение и да се спречи оваа деградација? Според моето мислење, треба да се следат природните закони. Волкот е волк, а не лисица, дрвото е дрво, а не зајак. Човекот е човек, а не предмет или животно. Жената е жена, мажот е маж.
Западна цивилизација е востановена на вредностите на христијанството, узансите на старогрчката, хеленска и на римската организација и филозофија на власта, а потоа и на идеите на просветителството, на кои подоцна ќе се надоврзат придобивките на Француската револуција и принципите на Декларацијата за независност на САД.
Десетте божи заповеди што Господ во вид камени табли на Синајската Гора му ги дал на Мојсеј, во куси црти ги објаснуваат основните начела на кои се заснова христијанското морално учење. Во нив, помеѓу пораките да се слави Господ, се наоѓаат и повеќе морални поуки, кои ние повеќе или помалку ги знаеме, како што се оние во кои се повикува на ненасилство, односно да не се убиваат луѓето, да не се краде, односно да не се зема она што е туѓо, да не се сведочи лажно и да не се врши прељуба, како и една од најзначајните христијански пораки, која вели: „Сакај го ближниот свој, како самиот себеси“ (Матеј 22, 39). Како последица на ренесансата, просветителството во 17 век ја развива идејата за т.н. „природно право“, која бара ослободување на социјалниот живот на човекот од верските, националните и традиционалните белези. Филозофскиот дух, кој поттикнувал на договор и на разумна согласност на сите граѓани за остварување на сеопштата среќа и благосостојба, всушност може да се смета како форма на хуманистички стремеж за реализирање достоинствен живот без насилство. Декларацијата за независност на САД од 4 јули 1776 година ги промовира основните човекови права, велејќи: „…сите луѓе се создадени еднакви, обдарени од Создателот со одредени неотуѓиви права меѓу кои правото на живот, слобода и потрага по среќата“.
Врз овие принципи модерните западно ориентирани демократии ги градеа своите општества на централно место ставајќи ја индивидуата и нејзините основни човекови права. Државата е организација што има за цел да ги брани и да ги унапредува тие права и да овозможи благосостојба на сите нејзини граѓани. Но, каде се границите на тие права и дали можеби се претера во слободата на изборот што многу често може да биде и спротивен на она за што се залага големото мнозинство граѓани. Тука секако мислам на тоа дека и малцинствата, во каква и да се форма и од која и да се област, треба да ги уживаат своите права и да живеат нормален живот исто како и претставниците на мнозинството, но дали правата на малцинствата треба до таа мера да се либерализираат за да се наметнат како императив над правата на мнозинството? И дали токму оваа тенденција не води кон продлабочување на кризата на модерната западна цивилизација, ако не и до нејзина целосна пропаст?
Примерите што доаѓаат од најразвиените и најпосакувани земји за живеење, според одредени статистички показатели, како што е тоа Канада, на пример, се несфатливи за еден значаен дел од земјите од западната хемисфера. Така, на пример, со неверување се примаат информациите дека на учениците во прво одделение во основните училишта во Канада им се наложува да се облекуваат во облеката на спротивниот пол и потоа наставниците/наставничките ги прашуваат децата како подобро се чувствувале, дали кога биле облечени во облеката која е вообичаена за нивниот пол или, пак, во облеката на спротивниот пол.
Неодамна ми беше споделена информацијата дека во некое средно училиште во Отава помеѓу учениците биле регистрирани дури 82 (и со зборови: осумдесет и два) пола. Замислете ја ситуацијата во која еден/една ученик/ученичка себеси се сметал/а за тротоар и барал/а така да му/ѝ се обраќаат, додека пак седум ученички се декларирале како мачки и на училиште оделе со мачкини уши на главата и опашка на задникот, а во училишната менза јаделе без да ги употребуваат рацете. Навистина, риплиевски неверојатно, но, за жал, вистинито.
Кон што води ова, ако не кон целосно постепено изумирање на западната цивилизација, онаква каква што ја знаеме. Овие, слободно може да се каже, девијации во развојот на човечкиот ум во никој случај не треба да се третираат како право на слобода на индивидуата да се чувствува така како што сака. Едноставно тоа не смее да се прифати и на тие основи да се гради општеството, бидејќи последиците од тоа толерирање веќе доведоа до ситуација во голем број европски земји да има недостиг на луѓе, односно намалување на бројот новородени деца. Негативниот природен прираст е последица од релативизирањето на положбата на семејството во општеството, од негова маргинализација и постепено исчезнување. Без семејство составено од маж и жена, кои по природен пат можат да обезбедат потомство, не можеме да зборуваме за развој на едно општество. „Мачката“ и „тротоарот“, па дури и да стапат во брак, сигурен сум дека нема да можат да продуцираат здраво потомство.
Како да се најде решение и да се спречи оваа деградација? Според моето мислење, треба да се следат природните закони. Волкот е волк, а не лисица, дрвото е дрво, а не зајак. Човекот е човек, а не предмет или животно. Жената е жена, мажот е маж. Секако, природата со сета своја разновидност креирала и поединци што природно имаат одредени атрибути кои се различни од оние што ја репрезентираат црно-белата слика претставена погоре. Па, така, помеѓу нас има и луѓе на кои им недостигаат одредени органи од телото или, пак, имаат орган повеќе од оние што ги имаат мажите и жените што се родиле без тие аномалии. Во тој случај треба да се почитува природата и на овие лица да им се овозможи слободно да ја декларираат својата припадност и да ги уживаат сите права како и мнозинството граѓани.
Во секој случај, треба да се почитуваат природните законитости затоа што нив не ги измислил човекот, туку се дел од севкупната енергија од која сме создадени сите ние и токму почитувањето на тие законитости може да нè вратат кон вистинските вредности на нашата цивилизација, во спротивно „Создателот“ (нека тоа биде, Природата, Господ, Големиот Архитект на Вселената, Енергијата или наречете го тоа како сакате) ќе одлучи дали е дојден крајот на експериментот наречен човек или, пак, ќе ни даде уште една шанса за преживување.
Слободата е категорија што по правило функционира кога е неограничена, но во услови на општествен договор кога нештата се поставени во релативен баланс; слободата не смее да се сфати како нешто неограничено, бидејќи нејзината неограниченост ќе го доведе општеството во неодржлив проект. Кризата на сегашните демократии почива на непостоење (макар во назнака) нов општествен договор или идеја околу која западноевропската или подобро кажано евроатлантската цивилизација ќе се обедини; на сила е декаденцијата во својата изворна појавност. Недостигот од нова, свежа идеја, последично ја сруши и Римската Империја. Сè започна кога Калигула го постави својот коњ за сенатор; исто се случи и со социјализмот, кога хигиеничар како дел од работничкиот совет имал право на глас да одлучува дали да се гради нова висока печка во некоја од железарите во СФРЈ или не.
Во денешнинава, паметните глави и нивните размисли за „новото“ општеството се потиснати од медиокритетите и од нивното владеење, кои објаснувањето за својата актуелна власт, ја црпат од одлуката на демосот. Дали демократијата во сегашната форма ги исцрпува своите последни сили и можности за развој на постојните општества? Не сакам во тоа да верувам, но дека нешто треба да се менува, за тоа во некои од наредните текстови.
(Авторот е адвокат)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“