Пронајдена легендарната „Атлантида на Северот“, средновековниот град „проголтан“ од морето

Форензичкиот патолог Констанз Нис држи приближно 700 години стар череп на маж од исчезнатиот град Рунгхолт / Фото: EPA/WOLFGANG RUNGE

Изгубениот средновековен град Рунгхолт, за кој легендата вели дека бил проголтан од морето како казна за гревовите на мештаните, за првпат е мапиран од археолозите.

Во библиската книга „Битие“ или „Прва книга Мојсеева“, Бог ги казнува луѓето од Содом и Гомор за нивната злоба и ги уништува овие градови. За Германците, легендата за изгубениот град Рунгхолт е слична приказна. Легендата вели дека некогашниот просперитетен град бил проголтан од Северното Море во една ноќ по силна бура како казна за гревовите на неговите жители.

Според народното предание, овие гревови вклучувале пијанства, безбожност и фалење со богатство, пишува „Тајмс“.

Животот во изобилство довел до неморален живот, а крајот дошол околу Божиќ кога банда млади пијаници се обиделе да принудат свештеник да ја причести свиња во локална гостилница. Свештеникот отишол во црквата, се молел и го молел Бога да ги казни младите. Следниот ден го напуштил градот, а не долго после тоа голема бура го погодила и го збришала Рунгхолт од лицето на земјата.

Локалниот мит вели дека сè уште може да се чујат црковните ѕвона на Рунгхолт, кога се едри во областа при бури.

Додека некои историчари се прашуваат дали градот некогаш постоел надвор од митот, новите истражувања открија остатоци од оваа „северна Атлантида“ во Ваденското Море.

Археолозите од Универзитетот Кристијан-Албрехт во Кил пронајдоа околу 1,9 километри средновековни могили околу островот кој сега е познат како Зудфал, откако ја мапираа локацијата со геофизичко истражување.

Според новото истражување, новите откритија вклучуваат пристаниште, темели на голема црква и системи за одводнување.

Во соопштението за печатот се вели дека истражувањата продолжиле да „вадат значајни откритија на виделина“ и дале неспоредлив увид во животот на луѓето од Северна Фризија. Но, истражувачите се во постојана битка со времето, бидејќи условите во кои се наоѓаат постојано ги „јадат“ остатоците.

„Остатоците од средновековната населба се веќе силно еродирани и често може да се забележат само како негативни впечатоци“, вели Хана Хедлер, која работи на Институтот за географија на Универзитетот во Мајнц.

„Значи, итно треба да го интензивираме истражувањето“, додава Хедлер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот