Промовирани се две книги со фокус на книжевната критика

Авторите и промоторите на промоцијата во КИЦ-Скопје

Институтот за македонска литература при УКИМ на 16 март во Културно-информативниот центар во Скопје промовираше две авторски изданија. Станува збор за книгите „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер и „Македонската книжевна критика во XIX“ на Славчо Ковилоски. Промотори на изданијата беа Наташа Аврамовска и Валентина Миронска-Христовска.

Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е актуелен носител на наградата за книжевна критика „Димитар Митрев“ на ДПМ за 2022 година. Станува збор за дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура.

Книгата содржи дваесет и два текста поделени во два диптиси од вкупно единаесет поглавја. Секој диптих е составен од два сродни тематско-содржински есеи што се изделени во посебно поглавје според тематска сродност. „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е есеистичко дело во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука.

Промоторката Наташа Аврамовска, покрај деталната анализа на делото на Стојменска-Елзесер, го истакна и задоволството на целиот колектив на Институтот за македонска литература што книгата ја доби наградата „Димитар Митрев“.

Книгата „Македонската книжевна критика во 19 век“ од Славчо Ковилоски претставува своевидна историја за појавата и развојот на критиката во новата македонска книжевност и со неа се покажува развојот на македонската книжевна критика и книжевност во изминатите два века.

Во книгата се презентирани педесетина автори со преку сто и педесет критичко-есеистички текстови што во иднина треба да заземат свое место во каноните на македонската литература.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот