Промовирана е книгата „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ на уметникот Доротеј Нешовски

Уметничката книга „Секоја работа надвор од уметноста е губење време“ (Anything outside of art is a waste of time) на уметникот Доротеј Нешовски беше промовирана во средата (26 јануари) во КСП „Центар – Јадро“. Промоцијата беше проследена со уметничка инсталација.

Цртежите претставени на изложбата, како и во книгата во издание на истиот центар, се осврнуваат на проблематиката на прашањата и мислите со кои уметникот живее во општеството, а кое е поставено на начелата со дадени егзистенции на мисла и состојба. Поголемиот дел од цртежите претставени во книгата, Нешовски ги создавал додека работел на штанд на Лотарија во еден скопски шопинг мол.

Како што и самиот објаснува, цртежите се создавани на хартии што секојдневно ни се пласираат од корпорации и нивниот маркетинг, достапни за секојдневни записи на мисли и брзи крокија со експресија на духот на можностите на уметникот. Во книгата, како што тој вели, има „експериментални визуелни цртежи и ефемерни мисли создавани на корпоративни хартии“.

– Делата се создавани во период на работа во мол и случувањата во него. Ако ги анализираме речениците, тие се дел од „стејтментот“ на личноста и форми на медиуми преку кои се гради визуелен јазик што ги разоткрива противречностите на современото општество – објаснува Нешковски за „Културен печат“.

Нешовски е роден во 1989 година во Скопје, каде живее и работи и денес. Дипломира во 2012 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот за вајарство, со поднасока сценографија. Неговата книга „Уметноста не е тоа што сакате“, издание на „Private print“ од Скопје, излегува од печат во 2017. Од 2015 година, активно организира и конципира детски работилници во Детски креативен центар при МКЦ.

Како интердисциплинарен уметник, се занимава со концептите за креативна спонтаност, ликовнa артикулација, социјална инклузија, педагогија и апстрахирање на релацијата галерија-публика-уметник чии интереси вклучуваат партиципативни активности, методологии на мапирањe и резонантност, вонинституционално делување, истражувачки практики и детска едукација. Од 2012 година е еден од основачите и член на уметничката група „ЅЕЕ“, со која има реализирано повеќе проекти.

„Уметноста е лотарија, никој ништо не добива!“

Преку пластичните егзалтации на сликовиот простор, Нешовски, како што вели, успева „да ја истражува практиката на Умот, значи практичниот ум во сферите на егзистенциумот, како место за трансформација на сликата на светот“.

Нагласува и дека насловот „Секоја работа надвор од уметноста е губење време!“ воопшто не е едноставен. Пораката, според него, е дека секој уметник е принуден да прави компромиси во моментите кога треба да работи на уметноста и истражување на истата, а при тоа се занимава со егзистенционален проблем.

– Тука станува збор за презентирана компонента за секој уметник во моментот кога треба да работи надвиснат над уметноста и во истражувањето на истата, а се занимава со егзистенционален проблем и е принуден да создава компромиси. Со тоа уметникот сака да го испита нерешавањето на проблемите со кои се соочуваме. Но, нашето општество не се ни труди да се разбереме! – ни раскажа Нешовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот