Промовиран е театарскиот практикум „Од игра до претстава“

Првиот театарски практикум во земјава на авторите Игор Ивковиќ и Афродита Кирјаковска беше промовиран во средата во младинскиот центар „Матично“. Изданието го промовираа актерката Снежана Конеска – Руси и Милка Тримчевска, наставник по македонски јазик. Настанот се одржа со почитување на мерките за заштита од коронавирусот.

Игрите се дел од десетгодишната пракса на Здружението за културно-уметничка едукација, односно неформалното Училиште за театар „Од игра до претстава“. Публикацијата е наменета за деца од предучилишна и училишна возраст, за нивните обучувачи и за сите кои сакаат низ креативните театарски игри да ги откриваат тајните на сценската уметност. Она што е интересно е дека театарски практикуми се реткост во државава.

Во практикумот се поместени стотина практични театарски игри, поделени во осум тематски целини. Целта, како што соопштија авторите, е да се поттикне креативноста, личните емоционални, интелектуални и социјални компетенции кај децата и младите.

Промоцијата на театарскиот практикум „Од игра до претстава“ се одржа во младинскиот центар „Матично“

– Би го нагласила и физичкото воспитание и моторниот развој. Преку овие игри децата развиваат и просторна ориентација, логичко размислување и будат креативност. Театарските игри од оваа книга поттикнуваат и развој на вербално изразување и го развиваат и подобруваат изразот на нивното тело. Децата стануваат емпатични и стекнуваат поголема самодоверба, дури и интровертните, истакна промоторката Тримчевска.

– Практикумот на Ивковиќ и Кирјаковска е методолошки беспрекорен, имено затоа што е спонтан и едноставен, „испилен“ од долгогодишната вежбовна пракса низ која овие двајца педагози успешно „израснале“ десетици/стотици дечиња, напиша театрологот д-р Јелена Лужина.

Како што посочи Руси на промоцијата, публикацијата е чекор кон запознавање, стекнување вештини за одреден уметнички профил и дава можност за натамошно образување и стручно профилирање.

Иако проектот е замислен како дел од неформалното образование, авторот Ивковиќ додава дека целта на овој практикум е да се покаже дека постои кадар што може да состави програма за театарското образование да биде воведено во образовниот систем во државава. Практикумот е објавен со поддршка од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за проекти од национален интерес за 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот