Промовиран е првиот интегрален превод на делата на старокинескиот филозоф Менциј

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја промовираше книгата од областа на старата кинеска филозофија со наслов „Менциј“, во превод од старокинески јазик, со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија.

Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј. Менциј (372-289 п.н.е.) е еден од стожерните философи во кинеската историја и првпат интегрално се објавува на македонски јазик.

Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на делото на Менциј. Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози, а сите тие се собрани во една книга епонимно наречена по авторот – „Менциј“.

Структурно, книгата е поделена на седум дела, секој од нив разделен на две поглавја, со што има вкупно четиринаесет поглавја. Поглавјата најчесто се насловени според името на главниот соговорник со кого Менциј дебатира во нив. „Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 134, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот