Промотивни празнични пакети на Пошта: Испрати честитка за 16 денари

11 декември 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во рамки на акцијата на А.Д. „Пошта на Северна Македонија”, која има за цел обновување на традицијата на испраќање празнични честитки и подароци низ земјава, почна да се применува посебниот новогодишен пакет со промотивни цени, што ќе важи заклучно со 15 јануари 2021 година.

Како што соопштија денеска од „Пошта на Северна Македонија”, промотивниот пакет на услуги за испраќање на празнични честитки и подароци во националниот поштенски сообраќај опфаќа испечатени единечни празнични честитки во два ретро дизајна, изработени за првпат исклучиво од еко хартија. Цената за купување на една ваква честитка со вклучено поштенско испраќање до адреса во земјава е 16 денари.

Исто така, пакетот опфаќа и намалени цени за достава на пратки Брза пошта ЕМС од адреса до адреса во земјава со тежина до 5кг – новата цена на услугата изнесува 80 денари. Секое заинтересирано лице кое сака да испрати пратка од која било адреса на територија на град Скопје тоа може да го направи со јавување на телефонскиот број 15 000. Службени лица на Пошта ја преземаат пратката/подарокот од адресата на испраќачот и ја доставуваат на наведената адреса на примачот. Во другите населени места, граѓаните можат да ги достават пратките до единиците на поштенската мрежа, а оттаму службените лица на пошта ќе ги испорачаат до адресата на примачот.

Од Пошта информираат дека од 21 декември се продолжува работното време на следните поштенски единици во Скопје: 1010 Чаир, 1020 Карпош, 1040 Маџари, 1050 Драчево, 1060 Ѓорче Петров. Новото работно време во овие поштенски единици е: понеделник до петок од 08.00 до 18.00 часот и сабота од 08.00 до 13.00 часот.

-Ги повикуваме сите да ни се приклучат, со цел заедно да ја обновиме традицијата на испраќање честитка или подарок по пошта! Секој заинтересиран кој сака да ја поддржи оваа акција на социјалните мрежи да ги користи „#ПоштаМКД #ИспратиЧеститка #ИспратиПодарок”, или да ни испрати свое фото или видео со повик и поддршка на оваа акција на официјалната Фејсбук страна на компанијата: https://www.facebook.com/postamkd, се наведува во соопштението на „Пошта на Република Северна Македонија”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот